Сите политичари треба да имаат меѓусебна почит: Евроамбасадорот Дејвид Гир без директна осуда кон бугарскиот пратеник Костадин Костадинов

Евроамбасадорот Дејвид Гир без директна осуда кон бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, за провокациите искажани кон Македонија и Македонците среде Скопје. Запрашан за коментар околу зборовите на Костадинов, не сакаше да се осврне на кажаното, само порача дека политичарите имале одговорност да работат за подобри односи меѓу двете држави.

-Мислам дека е многу важно односите меѓу Македонија и Бугарија да се подобруваат, а тоа се докажува и со отворањето на новиот културен центар во петокот. Исто така е многу важно сите лидери, сите политичари да имаат меѓусебна почит, а и одговорност за да работат кон развој на односите помеѓу овие две држави, што е од сечив интерес, изјави Гир.

Костадинов на отворањето на бугарскиот културно информативен центар во Скопје ни повтори дека Македонија и Бугарија биле две држави, кои требале да бидат една.

-Нè не терајте да ја искривуваме вистината. Јас ќе ви кажам уште еднаш, да, Бугарија и Македонија се две држави кои треба да бидат една. Две држави се да, еден народ кој треба да биде од Црното море до Охридското езеро, изјави Костадинов.

Покрај ова Костадинов не убедуваше и дека сме имале иста заедничка историја, но без за тоа да наведе некаков факт. Тврдејќи дека сме биле ист народ, не сакаше да биде нарече Македонец.

Македонските власти за овие провокации испратија само писмени осуда, но не и протестна нота, иако јасно во изјавите на бугарскиот пратеник и лидер на партијата „Преродба“ може да се видат територијални претензии кон Македонија.

Помалку е чудно е зошто сега изостана протестната нота, која беше испратена кога исти ставови Костадинов искажа во бугарскиот парламент пред неколку месеци.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста