„Сите За МКЦ:“ Уметници, музичари и активисти на протест пред Град Скопје

Со извици „Сите за МКЦ“, уметници, музичари и активисти го изразија револтот кон Град Скопје за смената на в.д. директорот Богоев, но и кратењето на буџетот за програмата за оваа година. Според вработените, целта на овој протест е да се покаже културата и историјата на МКЦ, односно дека „МКЦ не е уште една државна институција заборавена во времето“, туку дека таа го следи развојот на уметноста, активно делува и организира настани.

И додека уметниците од МКЦ од пред бараките на Градот си ги бараа своите права, во исто време градоначалничката одржа прес-конференција на која кажа дека не било точно дека на МКЦ му биле скратени 90% од буџетот. Она што било точно е дека на шанкери им исплаќале по 750 евра месечно, при што се правеле злоупотреби кои никој не ги контролирал.

  • Во изминатата година во МКЦ склучени се преку 250 договори за ангажирање, спротивно на Закон. Исплаќани се илјадници евра за ангажман на овие лица ангажирани без почитување на ниту една постапка. Меѓу овие лица, најголемиот дел се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу овие, поконкретно, има и над 90 договори за времено ангажирање на шанкери на кои им биле исплаќани од 300 до 750 евра на месец. Зборуваме за бројка од 90 потпишани договори од кои еве првиот е во вредност од нешто над 750 евра за шанкер. Ова испумпување на средствата од Младинскиот културен центар некој треба да го објасни и да каже зошто, како, врз кој основ и за кој работен ангажман некој добил во текот на еден месец или секој еден месец над 750 евра за да извршува работен ангажман шанкер, обвини градоначалничката Арсовска.
  • Ова што е внатре во МКЦ нема врска ниту со култура, ниту со одбрана на културата. Има врска со одбрана на човек што злоупотребувал финансиски средства, ако не ви е доволно тоа што има склучено над 90 договори што ќе треба да ги оправда, вели Арсовска.

Арсовска додаде дека никој не бил разрешен, туку на директорот му бил истечен договорот. Градоначалничката побара и извинување од поранешниот директор на МКЦ во спротивно, најави тужба.

  • Екс директорот Ванчо Богоев не е разрешен, нему му истече договорот вели Арсовска, која побара извинување на вака пласираните информации и најави дека доколку претходниот в.д. директор на МКЦ не го стори тоа тогаш своите аргументи ќе ги соочат на суд, вели Арсовска.

На ова реагираше и програмскиот колегиум на МКЦ, кој ги демантира ставовите на Арсовска. Велат дека истите се предмет на клевета согласно законските прописи. Затоа, свикаа итна прес-конференција во Младински културен центар в петок во 10 часот.

  • Најостро ги демантираме изнесувањата на прес конференцијата кои содржат тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст, велат од МКЦ.

Градоначалничката тврди дека од благајната на МКЦ биле подигнати повеќе од 100.000 евра, кои биле повлекувани без соодветна документација, па како што рече ова „испумпување“ средства некој мора да го објасни, затоа што се работи за сериозна злоупотреба на парите од буџетот на Градот.

Во однос на новоназначениот директор Никола Алексов, кој е дипломиран детектив, Арсовска призна дека многу луѓе што работат во културата немаат соодветно образование, и дека законот тоа го дозволува.

А она што се случува во МКЦ во моментов е отсуство на комуникација меѓу вработените и новиот в.д. директор, како и откажување на дел од програмските содржини, откако директорот ги смени бравите на канцелариите на архивата и сметководството во установата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста