Сите ги прифаќаат критиките за правосудството, никој не сака да понесе одговорност

Наместо да се префрла вината, секоја институција да си преземе одговорност и проблемот да го бара прво дома – невладиниот сектор со децидни пораки по меѓународниот аларм дека сме корумпирана држава. Критиките од амбасадорите треба да се адресираат за да не гледаме повторно стратегии без никаков резултат.

„Очигледно е дека постои грижа кај партнерите однадвор за тоа што е постигнато во борбата против корупцијата. Ние ги имаме многубројните институции веќе многу време и очигледно е дека се очекува многу посеопфатно да се бори државата со овој проблем од она што е во моментов. Ние немаме доволно бројки на високопрофилирани случаи на корупција, честопати и затајуваат во процесите и во однос на должината и се очекува јасно дека оваа пракса треба да се промени“, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика (ЕПИ).

Од коалицијата сите за правично судење проблем лоцираат и во тоа дека сите институции, како од извршната и судската власт, си ја префрлаат топката едни на други.  

„Тоа е еден од проблемите што ниту една институција не сака да преземе одговорност и што проблемите за корупција секогаш ги гледа како екстерни фактори кои доаѓаат од надвор и неминовно влијаат врз нив. Менталитетот дека ние правиме се како што треба, меѓутоа имаме проблеми кои влијаат од надвор и на кои не можеме да влијаеме е тоа што нè спречува вистински да ги адресираме проблемите. Институциите мора да бидат многу повеќе самокритични и да го средат тоа што е во нивен домен, па дури потоа да се премине на таквото барање од други институции да преземат некои чекори“ вели Аврамовски – Извршен директор на Коалиција „Сите се правично судење.

Но наместо да бидат самокритични, судиите и обвинители велат дека  работеле. Советот на јавни обвинители најголемите надежи ги полага во Обвинителството за организиран криминал и корупција и шефот Абази од кого чекаат да постапува по видливите индиции.

„Овде е работа на обвинителството, посебно на ОЈО ГОКК, ќе видиме резултатите како и кога ќе почнат да излегуваат бидејќи тоа е подолг процес. Не е процес за веднаш да се видат резултатите, меѓутоа треба да се започнат постапките и треба да се отворат предмети онаму каде е очигледно, каде има индиции“, вели Јолевски.

Судскиот совет најавува зголемена соработка за откиривање на коруптивни судии.

„Во рамки на своите надлежности Судскиот совет има механизми да се бори во тој дел, во коруптивните дејствија доколку ги констатира, но за тоа треба да има докази и факти. Судскиот совет има донесено одлука за разрешување поради коруптивно дејание, меѓутоа тоа е од поодамна. Но, неспорна е заложбата на Судскиот совет дека во наредниот период ќе преземе поригорозни мерки во насока на расчистување на таквите дејствија и онаму каде има законска надлежност ќе постапува“, вели Дамева. 

Инаку за само неколку дена прекори стигнаа од речиси сите стратешки партнери на Македонија. Како од ЕУ, критики добивме и од Германија, а САД дури донесе свој тим да ја „ чешла“ корупцијата што ја направиле македонските функционери.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста