Сиромаштијата и неисплатливите производни и откупни цени го ретчат бројот на земјоделски семејства, спас бараат во странство

     „Белата чума“ и се’ помасовното иселување на цели семејства од македонските села, загрижувачки брзо го ретчат бројот на земјоделци во земјава. Сиромаштијата, неисплатливото производство, ниските откупни цени, прескапите репро-материјали, но и отсуството на пазари за пласман се само дел од причините кои се наведуваат како мотив за земјоделците да се откажуваат од земјоделието. Неколкугодишното рапидно опаѓање на тутунопроизводството, а кое само годинава е за над 5 милиони килограми помалку од договореното и со тенденција годинава уште повеќе да опаѓа, е само една алка од уништувачкиот синџир, велат од Сојузот на земјоделски здруженија.

   „Со самата статистика, која што деновиве ја прочитав само за Прилеп дека 130 и кусур деца се отпишале од училиштата што значи дека тие се деца со фамилии и дека се отселени,така и по селата веќе се иселуваат доста луѓе и може да се очекува и намалување на тутунот“, – ни изјави за Алфа, Мендо Стомнароски, преседател на Сојузот на земјоделски здруженија на РМ.

   Дека селата се пустат, а со тоа умира и земјоделието, односно производството на храна, уште пролетоска реагираа и пелагониските сточари. „Мачен е животот земјоделски, горчлив е лебот на земјоделецот. Само тој што не работел земјоделие, не го знае ова. Во Македонија станува се’ потешко да се преживее од земјоделието. Затоа и младите ни бегаат, не сакаат ни да слушнат да останат в село и да го продолжат она во што ние сме го вложиле целиот свој живот. Овде не гледаат ниту надеж, ниту перспектива. Селата, полека, но сигурно, ни се испустија. Во нив се’ помалку има живот, оти се’ помалку млади има“, разочарано ни раскажуваа тие.

   „Селата се нагло испустени, а заинтересираноста на младите е катастрофа, на еден процент. Секој гледа само да добие виза и да замине странство, дали Австралија, Америка, Канада или во европските земји. Повеќе не верувам дека некој од младата генерација ќе остане на оваа стопанска гранка и во оваа држава. Секој гледа, завршува некое си образование и заминува странство“, – кажа Тони Петковски, земјоделец.(19.03.2022 г.)

    Незаинтересираноста на младите да се занимаваат со земјоделие е алармантна и во источниот регион на земјава каде иселувањето добива веќе загрижувачки размери. „Нивите ни станаа угари, а во селата има само старци. Младите масовно си замнуваат“, реагираат тие.    

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста