Синдикатите со обвинувања за психичката состојба на в.д. директорот на скопски „Водовод“ Марјанчо Митовски

Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска веднаш да реагираат и да ги спречат незаконските активности на директорот на скопски „Водовод“ Марјанчо Митовски, зашто, како што велат од Сојузот на синдикати – негововата лоша психичка состојба можела сериозно да влијае врз вработените. Тие веќе подолг период бараат средба со градоначалничката на Скопје, но попусто.

Според претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, Град Скопје и градоначалничката Арсовска треба да ги спречат сите незаконски активности на в.д. директорот Митовски.

  • Покрај тоа што вработените се загрижени за својата безбедност и здравје, поради информациите дека раководното лице на институцијата во која работат е осудувано лице за физички напад со нож, за што има и правосилна пресуда има и решение за упат за издржување на законска казна, ние од загрижени граѓани добивме еден извештај за Митовски од специјалист во кој е утврдено дека Марјанче Митовски има дијагноза мешано, анксиозно и депресивно растројство. Дополнително е наведено во извештајот дека има конфликтна состојба на работа, напнат, вознемирен со лоши мисли“, потенцираше Кашиковски на денешната прес конференција која се одржа пред просториите на град Скопје.

За таа цел, додаде тој, бараме како работници да бидеме заштитени и поради таквиот однос бараме в.д. директорот Марјанчо Митовски да биде разрешен бидејќи согласно сите законски прописи во нашата држава тој не ги исполнува условите да биде на јавна функција, односно да биде директор на ЈП „Водовод и канализација“.

  • Сите наши досегашни активности не се насочени кон градоначалничката Данела Арсовска и нејзиното менаџирање на град Скопје. Напротив, Град Скопје како основач на ЈП „Водовод и канализација“ и градоначалчничката како менаџер треба да ни помогне да се справиме со новонастанатата ситуација од страна на в.д. директорот Марјанчо Митовски“, рече Кашиковски.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски рече дека ако дојде до штрајк, јасно е на кој начин тој ќе се изведува, односно вработените ќе одат на своите работни места, но нема да ги извршуваат работните задачи. Одлуката за штрајк прво ќе оди на гласање, а потоа ќе достават документ, по кој ќе почнат постапки за медијација, која трае 10 дена.

Синдикатот СУТКОЗ при ССМ за да ги заштити работниците ја прашува градоначалничката кој ќе ја преземе одговорноста.

  • Дали вие како градоначалничка Арсовска ќе одговарате и ќе ја преземете обврската доколку му се случи нешто на некој работник, како и дали вие ќе одговарате доколку се наруши процесот на функционирање на ЈП ‘Водовод и канализација’ Скопје како претпријатие од витално значење, особено ако се има во предвид дека ова лице како в.д. директор, има пристап до клучевите од изворот во Рашче од кој се снабдува со вода за пиење Градот Скопје“, праша Дарко Димовски од ССМ.

Според Синдикатот, во „Водовод“ не постоеле работници кои не доаѓале на работа, но откако директорот Митовски почнал да ги прераспределува вработните, хидроинженери останале без работни задачи. Во последните денови поднесени биле 40 дисциплински постапки.

Инаку, неодразбирањата настанаа откако градоначалничката го обвини екс директорот на „Водовод“ Златко Перински за нетранспарентност во постапката за изградба на пречистителна станица, а тој ја обвини за вршење влијание во текот на постапката. Потоа лонецот зовре, откако Данела Арсовска постави нови директори на јавни функции.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста