Синдикатите и власта во клинч околу колективните договори

Власта си тера по своето во делот на колективните договори и стратегијата за нивно униформирање по еден терк и покрај острите реакции на синдикатите. Процесот е заглавен, обврските од веќе потпишаните не се спроведуваат и никому ништо.

Синдикатите алармираат дека еднострано се разскинуваат колективните договори, власта се правда и вели дека не било така. Според министерката за труд и социјала, реакциите биле неосновани, а постапката имала за цел потпишување на колективен договор, кој ќе следел откако ќе се усогласат сите страни.

  • Општиот колективен договор, кој ќе се потпише, да, но откако ќе се усогласат сите страни. Ќе имаме дебати за во иднина да нема недоразбирање меѓу синдикатите и власта. Се ќе биде прифатливо ако е конструктивно, се разбира, вели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Минатата година власта еднострано реши да не ги почитува обврските од веќе потпишаните колективни договори во повеќе дејности. Синдикатите се бесни и предупредуваат дека власта претерала. Станала и синдикат, и Закон, и Влада.

  • И сами гледате што се случува, власта претера во тој дел. Владата постана и синдикат, и Закон, и Влада и работодавач, и укинуваше колективни договори, не се донесе Законот за работни односи, иако се најавуваше, не се потпиша општиот колективен договор, што ќе значи еднакви права за сите вработени. Едноставно ова е лотарија, ако некој преговара со некој министер што е разумен добро, ако не ништо, вели за Алфа, Марјан Ристески, Претседателот на Конфедерација на синдикални организации.

Реакциите на синдикатите ја пишманија Власта и во делот на колективниот договор за култура, кој напрвин го потпишаа, па решија да го менуваат законот. Синдикатот на културата реагираше дека се крши со устав загарантирано право,  зашто со новиот предлог Закон за платите во јавниот сектор, Собранието ќе ги менува како што сака, односно како во кризна или воена состојба. Стравуваат дека платите во културата ќе одат надолу.

  • Оваа Влада беше таа што го потпиша колективниот договор за култура, кој што еден од најдобрите во државата бидејќи го следи растот на минималната плата и трошоците за живот и со тоа платите за културата со секј пораст на минималната плата добиваа соодветно покачување. Очигледно овој начин престана да одговара на оваа влада, рече Вера Атанасовска, претседателка на синдикатот на култура Македонија.
  • Со овој предлог закон точно во преодните и звршни одредби се кажува дека сите колективни договори, а се мисли на колективниот договор во културата, престануваат да важат со донесувањето на овој закон, додаде таа.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека се намалуваат правата на работниците во делот на платите и се елиминира можноста тоа да се уредува со колективните договори. Бараат да се повлече и да се доработи Предлог-законот за плати во јавниот сектор, за да се пресретнат негативните ефекти.

Од ССМ повторија дека во ниту еден момент не бил вклучени и информирани за подготовката на овој закон, кој, како што наведуваат, „Владата преку МИОА во очи на Нова година на ЕНЕР го поставила Нацрт-законот за системот (кратење) на плати во јавниот сектор”.

  • Според првичниот увид во текстот сметаме дека се намалуваат правата на работниците во делот за платите и се елиминира можноста за уредување на оваа материја со колективните договори со што значително ќе се влијае на укинување на колективните договори во јавен сектор во кои се уредени системот на плати и нивната исплата, а за што ССМ изнинатиот период предупредуваше. Во Нацрт- законот е уредено дека исплатата на дополнителната компонента на платата и надоместоците на плата зависи од тоа дели се предвидени средства во буџетот и на тој начин индиректно ќе се врши намалување на платите на вработените во дејностите каде што се исплаќа истата во овој момент, реагираат од ССМ.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста