Силјановска Давкова: Не може да формираат работни групи за промена на Устав кога се нема двотретинско мнозинство во Собрание

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова во „За или против“ на Алфа телевизија потенцираше дека не може да се формираат работни групи за уставни измени, ако  се нема двотретинско мнозинство во Собранието, но власта со ова се обидува да создаде слика дека процесот е почнат иако не е.

– Прво дајте да провериме дали има расположение во Собранието. Што мислат дека ако почнат со работни групи дека сите ќе гласаат? Дека со тоа ќе создадат привид на отпочнат процес? Процесот се проверува на лице место. За почеток на измени на Устав потребен е предлог, а за негово усвојување неслучајно е потребно двотретинско мнозинство, за да не се фрлате во непотребен трошок и време да го проверите тој момент инаку попусто ќе работат групите, изјави Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова коментирајќи го ретерирањето на власта од хрватскиот Устав посочи дека со оваа власт се е можно и е во страшна конфузија, а од политичка ароганција и самобендисаност чита селективно. 

– Штом давате еден предлог, не може да читате еден дел само кој ви одговара, тоа е еден цел мозаик.  ВМРО-ДПМНЕ рече штом го давате хрватскиот пример, нема проблем, Хрватска е членка на ЕУ, ајде да седнеме да разговараме. ЕУ за да биде заедница мора да се темели на вредности, без нив не може да има заедница. И во однос на компаративните примери и во однос на стандардите и во однос на тоа што Хрватска е дел од тој простор.  Треба да се почитуваат европските стандарди, истакна таа.

Силјановска Давкова посочи колку власта сака да дебатира се виде кога се носеше францускиот предлог кога немаше никаква дебата.

– Сите бевме затечени, а баравме да дискутираме и дебатираме. Како да дебатираме за решение кое тие го скроиле а ние да им го покриеме како алиби, изјави Силјановска Давкова.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста