Се продлабочува судирот во градската администрација – Уште двајца директори си заминаа од функцијата

Се продлабочува судирот помеѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. И денеска дел од кадрите на оваа партија се повлекоа од директорските позиции во Град Скопје. Оставки си поднесоа директорите на јавните претпријатија градски паркинг и депонијата Дрисла. Велат дека си заминуваат поради лошата соработка и некоординација со градоначалничката.

Бојан Христовски кој само 8 месеци раководеше со скопските паркинзи, а денеска на социјалните мрежи објави дека се повлекува, тврди дека морал да го стори тоа бидејќи локална самоуправа воопшто не функционирала како што треба.

– „Поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје“ – Напиша Бојан Христовски на социјалните мрежи.

Досегашниот прв човек на скопската депонија Дрисла, Јане Мицевски, по 10 месеци работа, пак, се пожали дека градоначалничката воопшто не била достапна и немале никаква координација.

– „Првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на Дрисла.“ – Напиша Јане Мицевски.

Веднаш по објавувањето на оставките, со реакција се јави и градоначалничката Арсовска која на директорите им поставила своевиден ултиматум – тврди дека им рекла – или сами да си заминат или ќе бидат сменети.

– „Поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на градот Скопје, директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени. Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери.“ – Соопшти Арсовска на Фејсбук.

Веднаш по нејзиното соопштение, двајцата директори демантираа дека им понудила вакво нешто. Денешните оставки следат по вчерашниот скандал кога Арсовска влезе во отворен судир со сега веќе разрешениот директор на Водовод Златко Перински, во врска со тендерот за пречистителна станица тежок над 130 милиони евра, по што го назначи Маријан Митовски за нов В.Д. директор.

Но, вчерашната кавга е само кулминација на несогласувањето на гардоначалничката со директорите кои таа сама ги постави. Во досегашните 11 месеци откако е избрана на позиција, Арсовска назначи и замени или сами си заминаа вкупно 5 директори. Најпрво, само неколку дена откако го назначи го разреши од функција директорот на ЈП „Градски паркинг“ – Филип Пасху. Во јули го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз, откако неговиот брат учествуваше во инцидент на плоштадот Скендер Бег. Две недели потоа отказ му даде на директорот на Зоолошката градина Кристијан Стаменов заради скандалот со коњите. Во мај пак директорот на ЈСП Иван Илиевски, самиот си поднесе оставка.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста