Се огласи мајката на починатото новороденче: „Се изначитавте безброј лаги, а внатре во салата бев јас и тие „луѓе“

По една недела откако го загуби своето провороденче во битолската Клиничка болница, со трогателен фб-статус, денеска се огласи младата мајка. Според неа, она што се случувало во тој, за неа сега кобен ден, најдобро го знаеле таа и луѓето кои биле во родилната сала, а кои сега се обидувале заради партиски препукувања, ривалство или неспсобност, тоа да го прикријат.

„Се изначитавте.. безброј лаги. Различни приказни.. Сите се ставивте на мое место внатре во сала, а уствари, ТАМУ БЕВ САМО ЈАС и тие..”луѓе”. Не знам и дали дали треба да кажам дека се луѓе. Бебето не ми почина во стомакот, ниту беше извадено со вакум, иако се колнат дека било. Пола секунда било.. Ех, уште на маката и будала да те направат.. Точно дека бев вратена од болница дома и сеуште си го поставувам прашањето, ЗОШТО?“, пишува на фб, несреќната мајка Викторија Крстеска.

Крстеска тврди дека заради пресилните болки, молела да и’ биде направен „царски рез“, убедена дека за тоа имало време. Но, зошто не се случило тоа, туку пораѓајот, според неа, бил извршен на насилен начин, се уште не и’ било јасно.

„Кревајќи ја болницата од болки и молев за рез, уште два часа, госпоѓата која што веднаш после смртта на моето бебе си замина на одмор и не се појави на ниту едно сослушување, која тврдеше дека НЕ УЧЕСТВУВАЛА во мојот пораѓај, иако таа ме искасапи и животински ми скокаше на стомакот, ми се смееше и ми рече ” АКО НЕ ТИ СЕ БЕНДИСВАМЕ НИЕ, ОДИ СИ ВО ПЛОДНОСТ”. Удирајќи ме во стомакот, на кој што сеуште имам траги, насилно ми го извадивте бебето кое НИКОГАШ НЕ УСПЕАВ ДА ГО ВИДАМ!“, наведува Крстеска.

Младата мајка, иако се сомнева дека некој ќе сноси одговорност, сепак пишува дека таа и нејзиниот сопруг нема да се откажат се’ додека не ја докажат вистината и за тоа не одговара вистинскиот виновник.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста