Се нижат провокации од Бугарија, а Македонија не реагира

Бугарски културен центар со име на соработник на Хитлер среде Битола, 24 мај прогласен за ден на Бугарската азбука, налепници со зборовите „еден народ сме„ низ Скопје, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот – ова е само мал дел од провокациите на Бугарија, а македонските власти речиси никогаш не реагирале. Еден од поголемите скандали беше отворањето на културниот центар во Битола „Ванчо Михајлов“. И додека граѓаните и експертите бурно, немаше никаква официјална реакција како протестна нота, освен задоцнетата изјава на Ковачевски.

Не сум задоволен, не се согласувам и сум многу разочаран што Бугарија одлучи да именува КЦ со името Ванчо Михајлов – изјави премиерот Ковачевски на 28 април 2022 година.

МНР, не само што не реагираше, туку министерот Османи неодамна изјави дека отворање на клуб со име на познат соработник на фашистите не било говор на омраза.

Тоа би било погрешен пристап, затоа што различните историски интерпретации не смееме да ги ставиме под „говор на омраза“ – изјави министерот Османи на 26 јули 2022 година.

МНР не реагираше ниту за бугарската пропаганда на каналот БНТ4 кој зрачи во Македонија, а се пласира програма со преиначена историја, се негира постоењето на македонскиот народ, се преименуваат македонските градови, а македонските револуционери се претставени како Бугари. Премиерот Димитар Ковачевски уште пред пет месеци вети дека ќе разговарал со претставници од МНР но ден денес нема реакција.

Јас ќе разговарам за тоа со МНР и тие ќе информираат во врска со тоа – изјави премиерот на 11 февруари 2022 година.

Бугарија не испушта прилика да го понижи македонскиот народ, да ги негира македонскиот јазик и македонскиот идентитет. На, бугарската емисија „Милионер“, станавме северномакедонци.

Бројните навреди никогаш не престанаа, а Македонија речиси секогаш реагирала само кога имало провокации кон Бугарија, што се значително во помал број. МНР остро ја нападна навивачката група Комити дека вандалски и нецивилизирано се однесувале за време на одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

За овој настан, МНР официјално ја извести Бугарија дека надлежните институции на Македонија веќе ги презедоа сите потребни чекори и постапки со цел откривање на сторителите на овој немил инцидент – реагираа од МНР.

Поранешниот бугарски министер за одбрана Каракачанов кој својата политичка акриера ја градеше со македонското прашање, се закануваше дека тенкови ќе ги срушат спомен-таблите каде се споменува Бугарскиот фашистички окупатор. Европратеникот Ангел Џамбаски во една прилика рече дека границите од Охрид до Црно море ќе бидат отворени, оти од двете страни живеела една нација.

Политичките провокации се вмешаа и во спортот. На втори јуни пред фудбалскиот натпревар Бугарија-Македонија, претседателот на фудбалскиот клуб Славија Софија, рече дека ако се плашеле од Македонија, која не постои, ќе играле џамлии. Пред три дена навивачите на Македонија Ѓорче Петров беа нарекувани Бугари, а Ѓорче Петров бугарски револуционер.

Министерството занадворешни работи не реагираше ниту за политичките ниту за провокациите на спортските борилишта, оти по се изгледа молкот е главниот адут во гардот на МНР.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста