Се крчка листата производи за намалување на цените, први ќе поевтинат тестенините

Владата ја готви листата на производи кои ќе добијат нова, намалена цена. Први ќе поевтинат тестенините, односно макароните и шпагетите, а по нив ќе следуваат и останатите прехрамбени производи. Претходно, владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб, на 33 денари, и во земјава настана хаос, односно овој производ го немаше по рафтовите.

Ново замрзнување – Владата утре ќе донесе одлука за ограничување на цените на тестенините, односно на макароните и шпагетите, а по нив веројатно и на млечните производи. Според министерот за економија, владините мерки ќе продолжат и во следниот период.

Владата утре ќе го соопшти ограничувањето на цените на тестенините и млечните производи, по пример на лебот, рече Крешник Бектеши и изјави дека ќе се интервенира и во цените на други производи, односно секаде каде има „има профити или маржи од тоа што е редовно.

  • Утре наутро ќе имаме одлука за тестенините и млечните производи, по што со премиерот ќе информираме на брифинг. Како што и претходно изјавив, граѓаните да бидат спокојни, цените ќе бидат намалени не само на овие производи, туку ние во континуитет ќе продолжиме со намалување на цените таму каде анализите ќе ни покажат дека има профити или маржи од тоа што е редовно, изјави Бектеши.

Како што дополни, се очекува намалување на цената за 10%, што уште од денеска може да се забележат промени на цените од страна на некои од производителите. Бектеши ги повика и другите компании да го следат овој пример.

Подобро подоцна отколку никогаш. Ова е ставот на дел од експертите кои велат дека надлежните водат сосема погрешни политики, па затоа Македонија и натаму има двоцифрена инфлација која е двојно повисока од европскиот просек.

  • Фирмите прават што сакаат, а Владата гледаше и беше нем наблудувач на тоа и можеби и го дозволуваше тоа. Млекото во Македонија е 83 денари, а во Австрија е 1 и 25 евра со масленост со 3 посто, во Македонија со 2,8 отсто е 80 денари. Нема никаква економска логика, никој не може да ме убеди мене дека во Македонија млекото мора да биде 80 денари, во Австрија се платите повисоки за пет отсто од во Македонија, има повисоки даноци, како тогаш млекото може да е повисоко во Македонија, вели за Алфа Бранимир Јовановиќ.

Претходно, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб, на 33 денари, и во земјава настана хаос, односно неколку дена овој производ го немаше по рафтовите. Останува отворено прашањето дали рафтовите ќе осамнат празни ако се замрзнат цените и на останатите прехранбени производи.

Инаку, цените на храната на светските берзи веќе 11 месеци се намалуваат, освен во македонските маркети кои заминаа до плафон. кој и зошто дебело профитира врз грбот на народот, треба да каже државата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста