Семакедонска средба: Се бара поништување на договорите со Грција и Бугарија

Раскинување на штетните договори со Грција и Бугарија, семакедонско помирување за спас на државата. Семакедонската средба во Трново по 51 пат ги сплоти на едно место македонците од соседството кои годинава со многу емоции зборуваа за големата неправда што ја чувствуваат. Најголем е револтот кај македонците од Бугарија кои не можат да се помират со она што се случува по Договорот со Бугарија.

– „Јас два пати по четири години лежев во бугарските затвори за македонските права во Бугарија, а сега македонската држава ќе ги впише Бугарите во Уставот, а никаде нема да биде заведено македонското малцинство таму“. – Aлармираше Стојан Ѓоргиев, почесен претседател на ОМО „Илинден-Пирин“ од Софија.

За него е несфатливо како македонската влада и удоволува на Софија која целосно ги игнорира европските пресуди и ги погазува правата на македонците.

– „Ја осудивме Бугарија во Стразбур 14 пати зашто не ги признава нашите права и пак не не` регистрира. Политиката на Бугарија кон Македонците е многу лоша, сакаат да ги бугаризираат Македонците. Гоце Делев, Даме Груев, Јане Сандански се бореле против бугарските врховисти кои сакале Македонија да ја припојат кон Бугарија, а сега во Битола направија клуб ‘Иван Михајлов’, најголемиот убиец на Македонците“. – Истакна Ѓоргиев.

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, од Трново побара итно раскинување на Преспанскиот и Договорот со Бугарија, распуштање на комисиите за ревизија на историјата. Испрати порака да се почитуваат универзалното, неотуѓиво и неприкосновено право на самоопределување и самоединтификација на македонскиот народ за сопствена држава како единствено решение на македонското прашање.

„Македонија како држава треба да стане територија без македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија“ – Изјави Петров.

На семакедонската средба се обрати и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, кој изрази уверености оти македонската држава, идентитет, јазик, и културата ќе опстои.

„Всушност тие претставуваат две димензии од една иста сплотена реалност па затоа тие не можат да се одвојат и да се гледаат засебно, односно, изземањето на било која од нив, подразбира разнебитување на Македонија. Затоа е клучно тоа да се има предвид, и како такви да се приссутни секаде, во сите преговарачки рамки“ – Истакна претседателот на МАНУ Академик Љупчо Коцарев.

Традиционалната семакедонска илинденска средба годинава се одржува по 51 пат во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“. По традиција заврши со општонародна веселба.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста