Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана, потпишан договор за поевтин роаминг

Процесот на проширување на Европската унија повторно доби замав и Унијата сега многу поинтензивно соработува со Западен Балкан – уверува претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Доказ за тоа биле честите средби на претставниците на Унијата и лидерите на земјите од регионот. Од денешниот самит во Тирана, таа порача дека на нас останува да одлучиме по кој пат ќе се движиме. 

На вас е да одлучите на која страна сте. На страната на демократијата, која е ЕУ, која е ваш пријател и партнер, или сакате да одите на друг начин. Тоа се основните прашања за кои ќе разговараме. Забележувам со сите шест земји од Западен Балкан дека членството во ЕУ и ЕУ се нивна приоритетна цел и токму тоа го поддржуваме – изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Пред почетокот на Самитот на кој меѓу главните теми ќе бидат војната во Украина, соочувањето со последиците од енергетската и економската криза, и проширувањето на ЕУ, , претседателот на Советот на Европа Шарл Мишел изјави дека иднината на Западен Балкан била во Европската Унија.

Убеден сум дека иднината на нашите деца ќе биде побезбедна со нашите напори. Денеска ќе го потпишеме договорот за роаминг трошоци – олеснување за бизнисите, граѓаните, туризмот. Следното прашање ќе биде енергетската криза. Возбудливо е да се биде овде. Иднината на Европа, иднината на нашите деца ќе биде побезбедна со Западен Балкан. Приближувањето до регионот е важно за нас – изјави претседателот на Совет на Европа, Шарл Мишел.

Самитот започна со потпишување на договорот за намалување на тарифите за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и земјите од ЕУ. Од Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски информираа дека тоа било силна потврда за европската иднина за Македонија. Договорот предвидува целосно укинување на роамингот, по извесен период.

ЕУ покажа силно партнерството кон земјите од овој регион, со што уште еднаш потврди дека во нас гледа партнер од доверба. Уште една силна потврда за нашата европска иднина е хајлајтот на овој Самит – потпишувањето на договорот за намалување на цените во роамингот, за разговорите во роаминг помеѓу корисниците од Западен Балкан и земјите од ЕУ – информираа од кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски.

Лидерите од Западен Балкан денеска дискутираат и со шефовите на европските држави, за европската иднина на целиот регион и јакнењето на соработката. Меѓу нив се и францускиот претседател Емануел Макрон, италјанската премиерка Мелони, премиерот на Чешка, која претседава со ЕУ до крајот на годината – упатија пораки за поддршка на Западен Балкан и негово приближување до ЕУ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста