Родителите на малата Јана, за првпат ќе бидат сослушани во битолското обвинителство

      По речиси два месеци од смртта на малата Јана, нејзините родителите за првпат се повикани да дадат исказ во битолското ОЈО. Сослушувањето треба да се одржи на 12-ти мај, ни изјави за Алфа, таткото на Јана, Стојче Христовски. Според него, од информациите кои ги добиле од некои медиуми, резултатите од обдукцијата за нивното девојче веќе биле готови и дека наводно ќе им биле соопштени на сослушувањето.

  „Од медиумите, инаку никој не нема известено. Само покани ни стигнаа, мене и на сопругата за Обвинителство, за в петок на 12-ти за да одиме.Никој ни не има прашано, ни ни има кажано некој нешто“ – вели Стојче Христовски.

   Христовски се’ уште длабоко потресени од болката и тагата по загубеното чедо, велат дека и понатаму не се сигурни во исходот. Се сомневаат дека резултатите можно било да бидат и наместени со цел – никој да не понесе одговорност. Своите сомнежи, како што велат, ги темелат на фактот што нивната Јана била примена и лекувана од извесна докторка која била само специјализант, но и сопруга на извесен судија.

   „Работата е очигледна. Му ставаат инфузија на чупето, доктор не се појави таму кај што му ставаа инфузија, ни да види, ни што е, ни како е, да речам докторката. Сестрата изигрува доктор. Му отекува раката на чупето од инфузијата, таа упорно продолжува пак и на другата рака да му клај инфузија. Таа е таа докторка, како што имаме сознание, уште немала ни печат, туку на специјализација била, на не знам што била, оти таа во документите што ни стигнаа, историјата што ни ја дадоа, нигде таа не е појавена, туку началничката е потпишана и на началничката е печатот. Нигде не се спомнува таа, а тоа е точно дека сопругот и’ e судија“, – се присетува Стојче.

  Според соопштението од битолското ОЈО пак, „наодот од обдукцијата извршена на Клиничката болница во Битола во поглед на причините за смртта е доставен до надлежниот јавен обвинител. ОЈО Битола го разгледува во контекст на целокупната прибрана медицинска документација по што ќе биде издадена наредба до Институтот за судска медицина врз основа на сите прибрани докази да се произнесе за евентуалната причинско-последична врска на медицинскиот третман со причините за смртта. Родителите на починатото девојче се повикани да дадат свој исказ во Јавното обвинителство“.

  Малата Јана почина на 22 март во Клиничката болница во Битола под мистериозни околности, со првични симптоми на обична настанка, само неколку часа по примената инфузија со гликоза.

  Каролина Дурло       

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста