Регулаторна ги прави последните пресметки, утре ќе се знае новата цена на струјата

Регулаторната комисија за енергетика ги прави последните пресметки за колку да ја поскапи струјата од први јули. Колкаво ќе биде зголемувањето на цената официјално ќе се знае утре. Претседателот на Регулаторна Марко Бислимовски не даде многу детали, само рече дека компаниите прикажале многу поголеми трошоци. Дел од нив ќе бидат признаени, а дел не. Евидентно е дека струјата ќе поскапи, но експертите сметаат дека освен во глобалниот раст на цените на енергенсите, причините треба да се бараат во слабото домашно производство и големите кражби на струја.

Јас мислам дека неминивно е да се зголеми цената на струјата, мегјутоа проблемот во Македонија е намелено производство од 1ТW (милион мегавати) што е резултат на несовесно работење на „ЕСМ“, немање план и програма за енергетиката, несовесно работење – превземање нелегално струја од европскиот систем, односно од оператот „ЕНТСО“ – вели Сања Божиновска – енергетски аналитичар.

Откако ЕСМ и понуди на ЕВН Хоум за 17% поголема цена, а МЕПСО и Електродистрибуција побараа поскапување од 68%, односно 80%, експертите алармираат – производната цена била поголема од понудените 48 евра за мегаватчас, па државата мора да субвенционира и да им помогне на енергетските компании, за ценовниот удар врз граѓаните да биде колку што е можно помал.

„Цената ќе се зголеми повеќе од она што е кажано. Колку Регулаторна ќе добие дозвола да ги зголеми цените за да удри по стандардот на граѓаните, тука е веќе на потег Владата. Ние како држава за да го заштитиме стандардот на граѓаните даваме толку пари, ЕСМ ќе продава на ЕВН Хоум по 48 евра. Оние другите до 60 евра, 12 евра ние ќе му ги покриеме на Електростопанство“ – вели Константин Димитров – МАЦЕФ.

Регулаторна вчера го објави и новиот тарифник за скапата струја. Домаќинствата се поделени во 4 блока, а најголем дел од нив ќе бидат во првите три. Предвидено е струјата да има поприфатлива цена за оние што штедат. За „трошаџиите“, сметките ќе бидат солени.

„Овие 5.400 се тие што рударат, тие што греат или ладат неколку стотини квадрати станбен простор, некои правни лица кои имаат право да бидат третирани како физички, како градинки итн“ – вели универзитетскиот професор Рубин Талевски.

Освен што за некој ден нè чека повисока цена на струјата, за која многумина сметаат дека ќе се зголеми за над 10%, од први август ќе има и нова цена на парно греењето во Скопје. Од Регулаторна веќе најавија дека се потешко се наоѓа гас за топланите и дека зимата ќе биде тешка. Веќе и се одземени трите лиценци на БЕГ, па на тендер Владата ќе бара нов оператор со парно греењето во Скопје. Откако Град Скопје одби, една од опциите е и државните електрани да ја преземат оваа обврска.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста