Ребаланс на буџетот на пленарна седница во Собрание

Жестока дебата за ребалансот на буџетот кој прв ден се наоѓа на Пленарна седница во Собранието. За Власта развоен, за опозицијата расипнички. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Владата лаже кога вели дека нема пари за административците додека истовремено троши повеќе за луксузи, патни трошоци, договорни услуги. Револтирани се бидејќи биле одбиени амандманите за помош на работниците, а се троши повеќе за стоки и услуги. За опозицијата тоа бил доказ дека земјата е банкротирана, економски разрушена и испокрадена. Додека инфлацијата галопирачки растела од месец во месец, јавниот долг бил историски најголем досега – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Долгот којшто е во апсолутна бројка 7 милијарди евра ќе с езголеми на 8 милијарди евра, што ќе значи дека вие сте ја задолжиле Република Македонија заедно за 5 години, колку сите влади за 25 години“ – рече Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од СДСМ во одбрана на сопартијците во Владата. Негираат дека во буџетот нема пари за помош на населението. Упорно повторуваат дека со 76 милиони евра ќе се поддржел стандардот на  граѓаните и економскиот удар за фирмите. Сметаат дека ребалансот бил навремен фискален одговор за справување со кризата.

„Ребалансот е целосно наменет за заздравување на економијата од пандемијата и од кризите како економска и енегретска, за поддршка на граѓаните и компаниите. Со овој ребаланс се оебзбедуваат нови 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на фирмите“ – рече Лазаревска.

Министерот за финансии во одбрана на ребалансот на буџетот. Во прекроената државна каса ќе имало доволно пари за плати, пензии и зголемени субвенции за земјоделците, како и мерки за помош на населението.

„Има зголемени средства во однос на потребите кои се однесуваат на социјално загрозени категории, програма за електрична енергија, пензии, поддршка која ја даваме на ЕСМ. Исто така и поддршка за граѓаните од 76 милиони евра“ – рече Бесими.

Од 200 амандмани, на расправата во матичната комисија за финансирање и буџет беа прифатени едвај десетина. Со нив, се обезбедуваат плус 400 илјади евра за здравството, животната средина и инфраструктурата. Ребалансот предвидува намалување на парите з акапитални проекти од 613 на 520 милиони евра. Вкупните приходи се 4 милијарди евра или за 112 милиони евра повеќе од првично планираното. Расходите, пак, се рекордно најголеми, 4,7 милијарди евра или дополнителни 260 милиони евра. Дефицитот изнесува 700 милиони евра, односно 5,3% од БДП.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста