Реакција на комисијата за култура на ВМРО- ДПМНЕ: Негативен извештај на ДЗР за работењето на агенцијата за филм со продолжена ревизија на ДФРМ -како да се премолчи еден извештај и зошто?

По направената ревизија и изразеното неповолно мислење од страна на Државниот завод за ревизија за работењето на Агенцијата за филм и објавените извештаи за усогласеноста на сметката на основниот буџет и сметката на средствата од самофинансирачките активности за 2021 година, констатирано е дека институцијата Агенцијата, нејзиниот директор и Управниот одбор не постапиле во целост по препораките од Конечниот извештај за извршена ревизија на Финансиски извештај и Ревизијата на усогласеност за 2017 година. Реагираат од ВМРО- ДПМНЕ .

„ Состојбата во Агенцијата за филм станува сѐ поалармантна, не само од аспект на материјално финансиско работење, туку и од аспект на законитоста т.е. правилната примена на Законот за филмска дејност и други позитивни правни акти. Извештаите на Државниот завод за ревизија јасно ги потврдуваат јавните забелешки и укажувања на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ за бројните неправилности во работењето на Агенцијата за филм, како и неколкуте случаи на судир на интерес, влијанија врз постапки и фаворизирање на одбрани физички и правни лица. Континуирано, од 2018 година, Комисијата за култура поставува повеќе прашања поврзани со работењето на Агенцијата за филм. Прашањата и укажувањата постојано се упатувани до Министерството за култура и до Владата со надеж дека ќе се исправат неправилностите и ќе се почитуваат законските одредби. Сепак, надлежното Министерство и Владата ништо не сторија за да се корегира работењето на Агенцијата за филм. Причините за ваквата ситуација не се непознати. Тие лежат во јасната намера на власта да се зачуваат нечии лични интереси. Фрапантен е податокот од Ревизорскиот извештај дека во 2021 година, Агенцијата за филм ангажира 23 лица без спроведена постапка за исполнетост на условите и квалификациите. На овие лица исплатени им се надоместоци во поголеми износи. Со нивното ангажирање, Агенцијата за филм наместо да ги зајакне своите институционалните капацитети само ги продлабочува сопствените слабости.

Извештајот ја потенцира големата финансиска исплата за Стратегија од 2019 година. Таа Стратегија, до денес, воопшто не е донесена, а Агенцијата за филм досега не кажува кои се причините за тоа. Повторно, во Ревизорскиот извештај, се посочени слабости во делот кој се однесува на опремата наменета за киноприкажување. Исто така, Извештајот нотира дека финансирањето на Друштвото на филмски работници е надвор од постапка утврдена во закон за што повеќе пати е укажувано од многу засегнати страни.Треба да се напомене дека во Ревизорскот извештај не се споменати вкупните обврски и обврските по билансни позиции кои се пренесуваат од претходната во тековната година, како и вкупниот износ на собрани средства по основ на надоместоци односно вкупно издадени решенија во тековната за претходната година на правните лица утврдени во член 12 и извршената наплата по истите. Исто така, во Извештајот нема ништо за поттикнувањето на вложување средства во филмски и телевизиски проекти и за Комисијата за право на поврат на средства. Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ очекува и се надева дека конечно институциите на системот ќе започнат одговорно да функционираат и да работат, при што почитувањето на законските одредби ќе биде на професионалниот пиедестал, се додава во реакцијата.

Прашуваме: Дали Министерството за култура повторно ќе биде слепо на ваквите состојби изнесени во Годишниот извештај за работење на Агенцијата за филм за 2022 година? Треба да се напомене дека Агенцијата сѐ уште не го објавува Извештајот за својата работа за 2022 година на својата веб страница, иако сега сме скоро на половина од 2023-та. Овој Годишен извештај, како и сите други, согласно законските рокови, треба да биде достапен на јавноста во март. Можеби сѐ уште го разгледуваат во Министерството за култура и во Владата? Можеби веќе е разгледан и преќутно е одлучено да се крие? Владата треба, согласно законот, да го усвои или да не го усвои Извештајот. Молкот знаеме дека не е во согласност со Законот, ама што навистина се крие зад него?, стои во реакцијата

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста