Расте песимизмот на власта дека до јуни е можен договор со Бугарија

Како растат барањата на Бугарија така расте песимизмот кај македонската влада. По се изгледа Македонија е далеку од решение за спорот со источниот сосед до крајот на француското претседателство. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека е потребно достоинствено решение кое ќе биде прифатливо за двете држави, а Македонија не е подготвена на никакви отстапки.

„Не сме подготвени на никакви отстапки, решението мора да се заснова на европските вредности, а тоа значи дека мора да е засновано на меѓусебно почитување меѓу политичарите, институциите и граѓаните на државите. Во тој контекест сакам да нагласам дека сакаме достоинствено решение. Ние имаме декларација во Собранието прифатена од парламентарните партии и таа декларација е основата за нашиот преговарачки тим во овој спор. Решението мора да биде прифатливо за двете држави и за добро на регионот“, рече Ковачевски кој претходно даде пошироко објаснување на досегашниот тек од разговорите.

Првиот човек на дипломатијата Бујар Османи вели дека не смееме да наседнеме на провокациите, коментирајќи ја изјавата на претседателот Румен Радев кој во Германија порача дека нема да дозволат ширење на македонизмот во Европа. Според Османи, сега топката е кај Бугарија која треба да ги усогласи ставовите во однос на Македонија.

– Ние тоа што го имавме го кажавме на сите средби, дури го формализиравме во различни документи, така што ние не работиме на нешто ново од тоа што досега го разговараме. Очекуваме Република Бугарија да има консолидиран став на Владата по однос на тоа што понатаму со овој процес. За жал, комуникација има, но конкретни разговори, се додека не го слушнеме тој консолидиран став од Бугарија немаме, изјави министерот Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната тематска конференција за Преспа Форум за Дијалог 2022.

По пораките на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел дека после 30 јуни ќе дојде до криза во односите помеѓу Унијата и Западен Балкан и Османи вели дека граѓаните веќе губат доверба во ЕУ, а ако не ги почнеме пристапните преговори до кајот на француското претседателство кредибилитетот на Унијата ќе биде во уште поголема криза.
Во врска со барањето Бугарите да влезат во македонскиот Устав вели дека Бугарија не може да го предуслови почетокот на преговорите со финализирање на уставните измени – нешто кое треба да се решава пред самото членство во Унијата, односно кога ќе започнат пристапните преговори.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста