Разрешен кардиохирургот Сашко Јовев кој ги предводеше тимовите за трансплатација на срце

Почна чистката на Меџити во јавното здравство. Проф. д-р Сашо Јовев, кардихирург познат по тоа што го предводеше тимот што ги изврши првите трансплантации на срце во Македонија, е разрешен од функцијата директор на Државна кардиохирургија.Министерот Меџити не ја открива причината за разрешувањето.

„Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет години, 10 години, немаат никаков резултат. Затоа здравството ни е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во сѐ другото, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите понатаму со мене како министер нема некој да седи шест месеци и да нема извештај за сработеното“, рече Меџити.

Алфа неофицијално дознава дека функцијата за прв доктор на Државна Кардиохирургија ќе ја преземе доктор Ваљон Асани, интервентен кардиолог од Тетово. Министерот не сакаше да открие кој ќе биде на чело на оваа здравствена установа. Ама по инсистирања на новинарите на прашањето за тоа што згрешил професорот Јовев, со оглед на тоа дека е наградуван доктор и ја водеше првата трансплантација на срце, Меџити рече:

„Тоа е кадар на коалициониот партнер на СДСМ, тие ќе предложат друго име. Нема никој тука засекогаш, бесмртен да биде. Ниту јас, ниту другите, ниту директорите. Здравството е жива материја. Кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата“рече министерот.

Инаку, сите вработени, лекарите, но и целиот медицински и немедицински кадар на Кардиохирургија се едногласни дека разрешувањето на Јовев претставува обид да се урниса една од јавните здравствени установи кои функционира на ниво и која ги третира најтешките случаи.

Професорот Јовев е доктор признат и познат во фелата, докажан професионалец од светска класа закитен со многу награди. Тој ја предеводеше и првата трансплантација на срце која беше изведена на 23 мај 2020,а оттогаш има изведено вкупно осум пресадувања на срце.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста