Развојот на Поречието ставен под голем знак прашалник заради Просторен план стар безмалку пет децении ?!

      Владо Цветаноски од с. Манастирец, бродско, над 20 години се занимава со угостителство. Тоа им е семеен бизнис, а за кој вели, дека иако сакаат, не можат да го развиваат заради Просторниот план кој датира уште од 1974 година, а кој предвидува изградба на четврта брана „Калуѓерица“, покрај веќе постоечките три брани во Поречието: „Козјак“, „Матка“ и „Св. Петка“. „Сакам да го проширам угостителскиот бизнис, сакам да направам и фарма со овци, меѓутоа општината не смее да издава градежни дозволи заради брана која е само исцртана на хартија, а сигурен сум дека никогаш нема да биде и изградена“, – објаснува Цветаноски.

  „На 19 км одовде, испроектирана е и четврта брана која што се вика „Калуѓерица“. Таа брана, значи се уште е само исцртана во мапата на РМ во урбанистичкото планирање. Цела општина трпи штети. Ние не можеме да добиеме одобрение за градба и да аплицираме за ИПАРД-програмата затоа што сме рурална средина. И Индустриската зона се наоѓа во тие коти, скоро 7-8 плацеви се продадени, но и ним општината не може да им издаде никакво одобрение за градба поради таа брана“, – објаснува Владо Цветаноски, бизнисмен од Македонски Брод.

   Овие состојби, поколебале и голем дел од потенцијалните инвестиори кои веќе и се откажуваат од намерата овде да инвестираат. „Си заминуваат, бегаат“, вели градоначалникот, Жарко Ристески и додава дека доколку профункционира таа брана тоа ќе значи и целосен крах на и онака економски потонатото Поречие.

   „По течението на реката Треска, воопшто ние не можеме ни да урбанизираме, ниту да испроектираме, ниту да привлекуваме странски инвеститори, ниту да развиваме рурален туризам. Со ова е нанесена голема штета на Македонски Брод, покрај штетата што е нанесена со нефункционирање на патот Македонски Брод – Скопје, затоа што развојот на Македонски Брод се темели токму на развојот на руралниот и алтернативниот туризам“, – кажа Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

   Според градоначалникот Ристески, со одлука на Советот на општината, во тек е институциналниот притисок врз државата, со цел оваа брана да се избрише од Просторниот план за да може општината да си ги преземе ингеренциите и да обезбеди развој на целата територија. Поречани се убедени дека оваа брана не само што не е потребна, туку никогаш нема ни да биде изградена, бидејќи тоа би значело и потопување на голем број населени места, патишта, но и на веќе развиени, но и потенцијални бизниси кои се лоцирани долж течението на реката Треска.                                                                                 

Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста