Радијаторите во Скопје се топли, ама само три часа, топланата „Скопје – Север“ веќе нема гас

И додека на власта и гори под нозе и во „5 до 12“ е растрчана да обезбеди природен гас за централното парно, граѓаните се во прашалници и не знаат што ќе се случува од слдниот месец.  Регулаторот уверува дека парно греење ќе имало цело време. Како, кога и од кого ќе набавеле – прецизен одговор нема.

Парно греење ќе има, ама уште 10-ина дена, потоа државата мора да се снаоѓа како знае и умее. Затоа, уште сега на власта и гори под нозе и во „5 до 12“ е растрчана да обезбеди природен гас за радијаторите да останат топли, иако сега гејат само три часа. Топланата „Скопје – Север“ веќе го вклучи црвениот финансиски аларм дека касата е празна. Директорот Куштрим Рамадани ги повика надлежните да изнајдат начин да помогнат бидејќи гас има само за два дена.

  • Цените на горивото беа многу високи а согласно одлуката на Регулаторна ние фактуриравме и фактурираме со пониски цени. Ние плаќаме 120 а продаваме за 60 денари така што на ваков начин системот е неодржлив. Излегоа во пресрет господата од Промгас и плативме за неколку дена, колку што имавме. Ги убедивме два пати веќе но трет пат нема да има.“ рече Куштрим Рамадани, директор на „Скопје – Север“ А.Д.

Граѓаните збунети, велат дека не било фер да ги плаќаат сметките во текот на целата година, за на крај државата да си игра мајтап со нив.

  • Ја не знам како може да платиме, а да немаме парно. Секако дека ако нема ќе пуштиме клима, но сепак тоа нее фер да ни прават вака, во време на криза, во време кога немаме пари да се прехраниме, а камо ли да плаќаме многу повеќе, се жалат граѓаните кои користат централно парно греење.

Иако граѓаните се во прашалници и не знаат што ќе се случува од слдниот месец, регулаторот уверува дека парно греење ќе имало цело време.

Од државните електрани се огласија дека конкретно на „Скопје Север“ нема да му дадат пари поради долгови од минатата грејна сезона.

  • Доколку има криза за природен гас во европски рамки, ние се подготвуваме да имаме и втора варијанта односно ги подготвуваме топланите Исток и Запад да работат на дизел гориво. Претходно работеле на мазут, но тој повеќе загадува и затоа се одлучивме за дизел гориво, рече Ковачевски.

Алфа праша во Владата за колку време има обезбедено природен гас, и што ќе прави од следниот месец, но од таму барем за сега одговор нема.

Дел од корисниците кои се снабдуваат со парно од топланите „Исток“ и „Запад“ се уште немаат топли радијатори. Како нов снабдувач „ЕСМ“ сега ги повикува да се обратат на еден од трите пункта во Центар, Карпош и Аеродром и да склучат нови договори. Оние кои нема да дојдат, тоа може да го сторат електронски, велат од компанијата.

„Потрошувачите ќе имаат можност сами да го пополнат образецот на договорот за снабдување со топлинска енергија, кој ќе биде прикачен на веб страницата на АД ЕСМ и во два примерока да го предадат во еден од пунктовите на ЕСМ снабдување, со приложување на увид документ за лична идентификација и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач. По заверка на договорот, од страна на ЕСМ снабдување, ќе им биде доставен по пошта на адреса на потрошувачот, наведена во договорот“, соопшти ЕСМ.

Државната „ЕСМ“ доби лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Гарантираат температура на радијаторите од 21 степен.

Претходно, по препорката од регулаторната комисија, училиштата и компаниите кои се снабдуваат на отворен пазар да не се префралт на регулиран, од владата тврдат дека сеуште се разговара со регулаторот да се најде начин тие да добијат поефтина струја од берзанската. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовкси, сугерираше дека ќе се оптовари системот, но и ќе се јави и проблем кај цената за домаќинствата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста