Радев и Пендаровски се испокараа кој кого канел и зошто немале контруктивна средба повеќе од две години

Радев и Пендаровски се испокараа кој кого канел и зошто немале контруктивна средба повеќе од 2 години.

Во последните години најмалку десет пати го канев претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски да ја посети Бугарија. Единствената посета беше на 1 октомври при отворањето на интерконекторот. Дури и тогаш разговарав со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за да може Република Северна Македонија да добие финансиска помош од ЕУ за набавка на струја, вели Румен Радев, претседател на Република Бугарија

Радев не заборави да потсети дека тој лобирал кај претседателката на Европската комисија, Македoнија да добие финансиска помош за набавка на струја. Според Радев, болката на Пендаровски е тоа што тој го отворил прашањето за правата на македонските Бугари пред европските институции.

Пендаровски рече дека во изминатите две години немал ниту еден конструктивен разговор со Радев, потенцирајќи дека, според него, не постои клима на добрососедство.

Објективно изминативе две години Бугарија имаше серија на провокации кон нас и излезе со аргументи за наша блокада кон ЕУ каква што немало во историјата на ЕУ. Ниту една држава не блокирала друга држава со тоа што викала „Вие не сте тоа што мислите дека сте“. Да зборувате за идентитетска политика и да викате дека јас не сум Македонец и дека само ако ги сменам сите учебници ќе можам да напредувам кон Европа… Ние може да глумиме средби, но последниве две години практично немам ниту еден конструктивен разговор со Радев“, изјави Пендаровски.

Со напад се јави и бугарскиот министер за надворешни работи Милков кој вели дека со затворањето на бугарските клубови Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, Македонија свесно ја подигнала тензијата меѓу двете земји.

Го видов интервјуто на Стево Пендаровски, претпочитам да не коментирам, да им дадеме мир, бидејќи оваа ескалација на тензијата работи на штета на тоа што треба да го направат. Вака изјави в.д. министер за надворешни работи Николај Милков при влегувањето во Собранието, пренесе репортерот на „Фокус“. „Дали свесно се обидуваат да ја кренат тензијата, не знам, но она што би го кажал е дека како што беше прифатен таканаречениот европски предлог, кој беше прифатен од цела ЕУ, од Бугарија и РСМ на парламентарниот ниво, не гледам да се направи ниту еден чекор во насока на неговиот настап или договорот. Ни учебниците, ни ништо. Да не зборувам за други чекори што требаше да се направат”, вели Николај Милков, министер за надворешнир работи на Р. Бугарија

Инаку пред 3 години Пендаровски беше оптимист изјавувајќи дека не очекува никаква блокада на Бугарија во однос на евроинтеграцискиот пат на нашата земја.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста