Работните групи формирани, Владата сама ќе си дебатира за уставните измени

Власта сама со себе ќе дебатира за уставните измени во работните групи. СДСМ, ДУИ и Алијанса заедно со по некој експерт, меѓусебно ќе си разговараат за амандманите за вментнување на Бугарите во Уставот. Ниедна опозициска партија нема да седне на маса во групите кои се формирани,а Владата на Ковачевски барем засега е далеку од потребните 80 пратеници со кои би можел да се отвори највисокиот правен акт.

Една од експертите кои ќе учествуваат во групите на министерстото за правда е судијката Николовска, таа вели дека прифатила да биде дел од групите за да го пренесе своето искуство.

Не гледам ништо лошо во таа насока,дали има консензус за менување на Уставот, во дадената ситуација сега нема, меѓутоа овој народ треба да има  малку повеќе информации за целокупните потреби. Деталното објаснување за мене,фали во нашата држава. Само одат одредени изјаснувања за ЗА и ПРОТИВ без аргументи, или тие аргументи се од тој тип да обичниот народ не може да го разбере. Тоа што нема консензус не значи дека не треба да се работи меѓудругото и за да убедите некого да се направи тој консензус, вели за Алфа Маргарита Цаца Николовска.

Побаравме став зошто прифатил да биде дел од работните групи и професорот Александар Спасов, кој не сакаше да даде изјава, но вели дека тој бил предложен од кабинетот на претседателот. Посочи дека се’уште не добил решение дека е дел од групата, а на прашањето зошто е учесник во истите, не даде конкретен одговор.

Вчера истече рокот за пријавување за претставниците на политичките партии, пријавени се Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса. Беса иако најави дека ќе номинира претставник тоа не го сторила. ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива и Демократски сојуз веќе ги одбија поканите од министерството за правда. Лидерот на најголемата опозициска партија Мицкоски повтори дека нема да отстапи од неговите аргументи и покрај притисоците од меѓународната заедница, кои ги очекувал и во следниот период.

Во меѓувреме, дел од експертите коментираат дека процесот за отворање на Уставот започнува по обратен редослед. Академик Владо Камбовски и поранешниот министер за правда Владо Поповски изјавија дека прво е неопходен политички консензус за воопшто да почне процедурата.

Мери Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста