„Пуцко петрол“: ДУИ нарачува, ДУИ доставува?!

Институција раководена од кадар на ДУИ нарачува, фирма во сопственост на членови на ДУИ доставува. И Министерството за образование доделува тендери на „Пуцко петрол“. Пред само два дена бил склучен договор вреден 85 илјади евра. Ресорниот министер, Јетон Шаќири, не гледа ништо спорно во ова. Во гостување на Алсат дури и изјави дека не знаел чија била оваа компанија.

Еве дел од разговорот меѓу министерот и новинарот.

  • Но, за вас не е проблем што се работи за компанија на вашиот сопартиец, значи синот на пратеникот Исмаил Јахоски?
  • Ги немам податоците за тоа кој е сопственик на компанијата и која е конкретната компанија. Не знам по прашањето на документацијата кој е сопственик на компанијата.
  • Не знаете кој е сопственик на „Пуцко петрол“?
  • Нема потреба да ги знаеме сите, ме разбирате?
  • Па тоа е јавно.
  • Па нема проблем, може да биде дека го знам, но прашањето во дискустијата е…
  • Велите сега не го знаете ни пратеникот Исмаил Јахоски?
  • Се разбира дека го познавам.

Според податоците од Централниот регистар со „Пуцко петрол“ раководи Асмир Јахоски. Тој е син на Исмаил Јахоски кој во овој собраниски состав влезе како кандидат на ДУИ откако претходно во пет мандати беше градоначалник на Пласница, во првите два како кадар на СДСМ за подоцна да ги смени партиските бои и да премине кај Интегративците.

Инаку, ширењето на бизнисот на „Пуцко“ се поклопува со доаѓањето на СДСМ со ДУИ на власт. Оттогаш значително е зголемена нејзината соработка со државните институции и јавните претптијатија, и компанијата станува главен добавувач на нафта. Само во последните три месеци компанијата добила државни тендери тешки над 7,4 милиони евра, а од почетокот на годинава државата и платила над 800 фактури.

Алфа се уште чека одговори на прашањата доставени во понеделникот – колкав процент од обртот на „Пуцко“ отпаѓа на работење со државни институции и јавни претпијатија, дали ги имаат потребните складишта и капацитети за да се бават со трговија со нафта од ваков обем?

Од Антикорупциската комисија за Алфа потврдија дека веќе ги испитуваат семејно – бизнис – политичките врски на „Пуцко петрол“.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста