Протест на ССМ пред Собранието – 14 столчиња за пратениците кои одбиваат да поддржат повисоки плати за работниците

Пратениците од власта уште еднаш кажаа „Не“ за покачување на платите за работниците. Собраниската Комисија за финансирање и буџет не го одобри амандманот за линерално покачување на платите во јавниот сектор, а од Сојузот на синдикатите на Македонија побараа оставка од пратениците кои гласаа против предлогот. Велат дека тие не заслужуваат да бидат народни избраници.

  • Благодарам на овие ненародни пратеници кои изгласаа „не“ за покачување на платите на работникот, тоа се пратениците Марија Ѓоргиеска, Даниела Марковска, Диме Велкоски, Марија Кочоска, Коле Чакарлиев, Арта Биљали Зендели, Бајрами кадрија и Панчо Минов кој не сакаше да гласа. Никогаш повеќе пратеници, никогаш повеќе гласот на работниците оставка одма, порача денеска претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Побара оставка и од заменикот министерот Филип Николовски.

  • И ти заменик министре да си дадеш оставка бидејќи немаше храброст денеска твојот министер за финансии да излезе пред пратениците. Те прати тебе да лажеш и ти да си дадеш оставка, од денеска вака ќе бараме оставки, му порачувам на премиерот да си ги консолидира редовите да си разрешува ваквии ненародни пратеници и ненародни заменици миистри, бидејќи тие треба да работат стриктно за народот и работникот, вакви одлуки по основ на барање за егзистенција, а знаеме дека ни сервираа покачување на струјата денеска ни сервираат некаков си партиски договор за преговори, и да не остават без пари без да знаеме во која насока ќе тече нашата иднина. Навистина е срамота за овие пратеници кои гласаа денеска против работникот и за овој министер кој ја претставува Владата, изјави Димовски.

Синдикатите и натаму остануваат на ставот дека штрајкот продолжува и изразија надеж дека премиерот сериозно ќе ги сфати нивните барања и ќе излезе во пресрет на работникот за „неопходните 2.806 денари за егзистенција“.

Синдикатите и денеска поставија столчиња пред Собранието. Од ССМ повторија дека е голема разочараноста кај сите, зашто никој не се одважил да им помогне на работниците кои со сегашните плати едвај крпат крај со крај, а капак на се е и поскапата струја, која од месецов се зголеми за 7,4%. Како пример, ако едно домаќинство за потрошени 400 киловати во евтина и 350 киловати во скапа тарифа до сега плаќале по 4.400 денари, од сега за истата потрошувачка ќе треба да платат плус 350 денари повисока сметка, односно 4.750 денари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста