Протест во Tетово за поддршка на д-р Вучевски: Вината не е во докторите, туку во тие кои ги граделе модуларните болници

Вината не е во докторите, туку во тие кои ги граделе модуларните болници, алармираат жители на Тетово кои одржаа мирен протест пред основниот суд Тетово, пред судењето за пожарот во тетовската модуларна болница. Граѓаните со поддршка на доктор Бобан Вучевски, еден од обвинитетите за пожарот што се случи на 8-ми септември 2021-ва година, кога животот го загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.

Дел од насобраните граѓани во изјави за медиумите истакнаа дека дошле да му дадат поддршка на лекарот бидејќи сметаат дека е неправедно обвинет. Според нив, за пожарот не постои лекарска вина и нема логика лекар да одговара за пожар.

  • Јас не сум да се амнестираат виновници, но вистинските виновници не се кријат овде денеска во судот, тие треба да се најдат таму каде што се. Да се работи за лекарска грешка во ред, тука не се работи за лекарска грешка, за техничка грешка се работи за која треба да одговора некој друг, а тој друг се знае кој е, тоа се авторите на овие објекти што ги дигаат низ Македонија“, посочи жител жител на Тетово.

Граѓаните велат, дека вината е техничка, а не лекарска, и нема логика доктор, кој 24 часа се грижел за здравјето на пациентите во време на најголемата ковид криза, да биде обвинет, и нему да му се суди. Тој е потребен на градот, неговата хуманост – сите ја знаат, истакнаа граѓаните.

  • Тој нема никаква вина, дека вината не е докторска туку техничка, значи кога се пушта некој објект треба да биде технички се исправно, а тој таа вина ја нема и затоа ние му ја даваме поддршката. Вакви доктори нас ние се потребни, а посебно на нас тетовци, затоа што доктор Бобан навистина се грижи за сите, тој неуморно работи и не гледа богати сиромашни, на секого сака да помогне и тој ја заслужува поддршката од сите нас“, посочи една учесничка од денешниот мирен протест.
  • За време на кризата која што демнееше над сите нас, тој го даде својот максимум, покажа како треба еден доктор да изгледа, човек кој се грижи за граѓаните. Ние денеска го повикуваме Јавното обвинителство да размисли за нивните предлози исто и судијата каква одлука ќе донесе, затоа што јас сум сигурен дека сите граѓани во државата, тие кои го познаваат, би му дале поддршка. За другите не знам, тие кои се исто обвинети на некој начин не им ги знам приликите, но за Бобан знам и затоа ќе застанеме до крај до последно“, додаде друг жител на Тетово.

Судењето, односно главната расправа, започна пред три недели, на 7-ми декември, откако од септември, па до овој месец, почетокот на судскиот процес, беше одложуван.

Инаку, за пожарот во модуларната болница, покрај лекарот Вучевски, обвинети се двајцата тогашни директори Флорин Бесими и Артан Етеми и Клиничка болница како правно лице.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста