Протест во село Караорман поради ископ на песок од Брегалница

Жители на штипското село Караорман денеска излегоа на протест. Бараат да престане ископувањето на песок од речното корито на реката Брегалница. Тврдат дека ископот е несоодветен, па поради тоа штетите им се огромни. Со секое зголемување на водостојот губат дел од  плодните површини.

„Каде е заштитата на нашите ниви ако утре дојде вода .кој е тој одговорен што има потпишано? Овде дененоќно се носат камиони песок. Ова се огромни машини, камиони и за многу кратко време ќе го исцрпат овој песок. Ќе почнат да црпат и од нашите ниви„ изјави Мино Јанев.  

Жителите на село Караорман се децидни,ако треба ќе  блокираат и локалниот пат, доколку  не се смени одлуката со која се дозволува ископ на песок од речното корито. Стравуваат да не им се повтори сликата од пред неколку години кога надојдената Брегалница им однесе дел од нивите. 

„Целото село ќе се собереме. Утре ќе побараме средба со градоначакникот за да видеме какви мерки да се преземат. Ние не сме дојдени овде да се тепаме и кааме, но ќе го блокираме патот„ изјави Мино Јанев, сопственик на земјоделско земјиште.

Дозволите за експлоатација на песок ги издава Министерството за животна средина. На терен излезе инспектор од министерството за екологија, а утре увид ќе изврши и инспектор од скопското водостопанство, за да се утврди дали економските оператори работат согласно законските рамки.

Aлександра Ристеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста