Променливи ставови на Пендаровски: Денес му пречи одсносот на Бугарија, утре не му пречи и така повеќе пати

Денеска едно, утре друго. Ставовите на претседателот на Македонија во однос на Бугарија постојано се менуваат. Првин говореше дека барањето Бугарите да влезат во Уставот било мешање во внатрешните работи, а сега ни порачува дека немало ништо спорно во тоа.

-Јас учествувам со мој претставник и со тоа јасно го кажав мојот политички став, дека сум ЗА тие уставни промени, не мислам дека се нешто страшно за нас и не мислам дека ако ги внесеме Бугарите со другите шест седум народи во Уставот, ќе пропадне државата, изјави Пендаровски.

Пред повеќе од една годинаСтево Пендаровски мислеше поинаку.

-Тоа е мешање во внатрешните работи и точка, одговори претседателот на прашање во интервју на ТВ 24 во однос на вметнувањето на Бугарите во Уставот, изјави Пендаровски.

Бугарските услови и уценувања за Пендаровски беа недозволиви.

-Потполно се согласувам дека е преседан од невидени размери – сменете го Уставот па дојдете да разговараме, рече Пендаровски во интервју на ТВ 21.

Своевремено говореше и дека не требало да го отвораме Уставот премногу често.

-Го зборувам тоа со месеци. Не е проблем да ги внесеме и Хрватите, Црногорците, сме ставале и други народи, ќе ги ставиме и Бугарите, но која е гаранцијата. Срамота е секој понеделник да го отвораме Уставот, велеше Пендаровски.

Но, и ова не траше долго. Претседателот на крајот се одлучи дека Уставот сепак треба да се смени. Стево Пендаровски најпрвин го отфрли францускиот предлог, но потоа и за ова се предомисли. Сепак, од време навреме кај него повторно како да се буди патриотизмот, како што беше примерот после одбелужвањето на роденденот на Делчев.

-За жал роденденот на Гоце Делчев беше искористен од другата страна за кревање на тензиите по мене сосема непотребно. Декларацијата на бугарскиот парламент не се разликува, дури и не е толку лоша во однос на декларациите кои ги видовме пред три години во нивниот Парламент, велеше Пендаровски.

Сепак, Пендаровски во односот со Бугарија, освен по променливите ставовите, веројатно ќе остане најзапаметен по поздрав кон Бојко Борисов.

-Љубави како си ми, кажа Пендаровски.

-Многу добро, му врати Борисов.

-Еј поздрав од Зоки, па Пендаровски испрати поздрав.

-Многу добро! Седи тука со нас бе, го покани Борисов.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста