Продади хотел на Шапка за да добиеш милионски тендер за автопат – „Фокус“ пишува за скандал наводно поврзан со Артан Груби

Нов корупциски скандал поврзан со Артан Груби. „Фокус“ објавува анализа за купопродажбата на опожарниот хотел „Гранит“ на Попова Шапка и доделувањето на тендерот за изградба на автопатот кон Блаце.

Според документите кои ги цитира неделникот, хотелот бил продаден за само 55 илјади евра на компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“ со главна дејност – електрорасвета, која во последните години работи со загуба, чиј основач е Суат Аљија, претседател на ФК Шкупи од Чаир кој важи за близок човек на првиот вицепремиер.

Аљија често може да се види на трибините на стадионот во Чаир како го бодри тимот на Шкупи, при што објавените фотографии сведочат дека бил во друштво на премиерот Димитар Ковачевски, на лидерот на ДУИ Али Ахмети, на првиот вицепремиер Артан Груби – пишува „Фокус“.

Суат Аљија за „Фокус“ тврди дека повеќе нема врска со оваа компанија, а од компанијата пак изјавиле дека огласот го виделе во весник, дале јавна понуда за купување на хотелот и истата била прифатена.

Сепак, според неделникот, симптоматичен е тајмингот. Купопродажбата се случила непосредно пред да биде склучен нов договор за доизградба на автопатот вреден 11.5 милиони евра.

Договорот за купопродажба меѓу „Гранит“ и „Еуро ком Лигхтинг“ е склучен нецели 5 месеци пред да биде склучен договорот за јавна набавка меѓу „Гранит“ и ЈП за државни патишта, додека целата постапка за хотелот на Попова Шапка е завршена 2 месеци пред потпишувањето на вториот договор за автопатската делница од 2 километри – пишува „Фокус“.

Истражувањето на „Фокус“ покажува дека викендички на Попова Шапка се продаваат поскапо од цената која била платена за хотелот – помали куќички се нудат за цени од 69, 82 илјади евра и така натаму.

Инаку ова е само последен во низата финансиски скандали кои се поврзуваат со Артан Груби, меѓу нив и купопродажбата на деловен простор во центарот на Скопје на неговиот брат за 4 до 5 пати пониска цена од пазарната, што го објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, доделувањето на лиценца за баждарење бензински пумпи на фирма исто така во сопственост на неговиот брат, отпишувањето јачмен од државните резерви, трошењето стотици илјади евра на хонорари во неговото Министерство.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста