Прифатени барањата на бизнисот за струјата, ЕСМ тврди дека купува најевтин јаглен

Струјата на берзите достигна рекордни 500 евра за мегаватчас, а Власта уверува дека домашното производство е стабилно. Засега немало увоз, а се правеле напори сите енергетски капацитети да се стават во функција. И додека експертите се скептици дека ќе има доволно јаглен и мазут за термоелектраните и дека во РЕК Битола можат на долг рок да работат сите три блока истовремено, директорот на ЕСМ тврди дека сите набавки се навремени. Се потрошиле околу 55 милиони евра во изминатите месеци за набавка на јаглен и мазут за потребите на РЕК, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино. Ковачевски уверува дека немало потреба и не можело да се набавува струја за толку месеци однапред, туку ќе се купувало ако се јавела вонредна потреба. Тврди дека цените по кои се купуваат енергенсите биле пониски од оние на берза.

„Ништо не е задоцнето. Ги набавивме овие количини потребни до ноември месец. Сега набавуваме за од ноември до април. Има доволно количини. Одговорно можам да тврдам дека ние во моментов како држава набавуваме јаглен со најниска цена во регионот. Просечната цена се движи од 55 до 62 евра по тон“ – вели Васко Ковачевски, директор на АД ЕСМ.

Владата упорно тврди дека законски потреби од рестрикции нема, а земјата е пред прогласување енергетска криза. Институциите нема да добијат наредби, туку само препораки за штедење на струја, а истото министерот за економија Крешник Бектеши го побара и од граѓаните. Вели засега немало потреба од уште еден ребаланс на буџетот за да им се помогне на државните електрани зимава, бидејќи оние 100 милиони евра заем за ЕСМ од ЕБОР биле доволни. Морало да се прогласи енергетска криза, за да им се помогне на државните електрани во случај на колапс на енергетските капацитети.

„Да заштедиме што е можно повеќе електрична енергија колку што можеме, имајќи в предвид дека на таков начин ќе ја олесниме работата на домашните капацитети“ – вели Крешник Бектеши, министер за економија.

Бизнисите со низа барања Владата да им помогне за да не стават клуч на врата и да поделат откази. Бизнисите бараат т.н. зелена енергија од обновливите извори да се намени за индустријата, да нема забрани за увоз на струја од Србија и Бугарија, да се зголеми производството, да се измени Законот за градење за да се олеснат процедурите за поставување фотоволтаици.

„Во моментов во нашата држава има инсталирано 40-тина мегавати фотоволтаици и ХЕЦ кои се неприклучени на електроенергетската мрежа. Тие капацитети што побрзо да се приклучат на системот бидејќи денеска секој инсталиран мегават е чисто злато и е многу значаен во енергетскиот систем на државата“ – вели Кочо Анѓушев, претседател на Македонска енергетска асоцијација.

Владата тврди дека нивните барања се прифатливи, но не знае кога тие ќе им олеснат на фирмите, за да плаќаат поевтино. Бизнисите во моментов плаќаат 10 пати поскапа струја од домаќинствата. Експертите со месеци алармираа дека ЕСМ требаше да мисли на време и многу порано да набави енергенти по пониски цени за да обезбеди што поскоро активирање на 100 отсто од електраните кои треба да обезбедат струја не само за граѓаните, туку и за стопанството.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста