Притисок врз дипломатите кои јавно зборуваат против Францускиот предлог и проблемите во МНР

Синдикалци од дипломатијата на удар на власта затоа што гласно го критикувале францускиот предлог. Претседателот на дипломатскиот синдикат вели дека е соочен со сериозен притисок од Mинистерството за надворешни работи. Алармира дека добил дисциплинска постапка  затоа што излегол на протест пред Собранието и пред јавноста зборувал за штетноста на Францускиот предлог.

Зоран Дабиќ реагира дека не учествувал во насилни протести и бара заштита на неговите права за слободно изразување и говор кои се загарантирани со Устав. Во изјава за Алфа тој вели дека е мета на притисок и заради неговите јавно изнесени ставови за работењето на министерот Бујар Османи.

  • „Не кажува многу добро кога министерот мора да најде луѓе во Министерството да поднесат предлог против свој колега. Треба да се одважат самите, да кажат, да истапат, и ако треба да обвинат ако сметаат дека е така. Овде, ниту кривни ниту должни, мои колеги, ќе треба, ставени меѓу два огна, својата професионалност и наредбата на минситерот, ќе треба да се потат. Но, што да правиме, ќе се бориме до крај, ова не е легално, не законски и злоупотреба на службената положба и мислам дека ќе се избориме“ – вели ЗОРАН ДАБИЌ – Претседател на Македонски дипломатски синдикат.

Дабиќ е со јасен став дека вистинската адреса на ваквата дисциплинска постапка е синдикатот, а се спроведува преку него како негов претседател.

  • „Министерот очигледно не е спремен, ниту е веројатно способен, да одговори на критиките на Синдикатот. Па не можејќи поради јасните законски пречки да тужи Синдикат или други мерки да преземе против Синдикалните членови, па одлучи преку мене да ме заплаши како претседател на Синдикатот“ – вели ЗОРАН ДАБИЌ – Претседател на Македонски дипломатски синдикат.

За притисоците Дабиќ побара поддршка од македонската јавност во повик и преку социјалните мрежи. Седницата за негово санкционирање е закажана за  први август.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста