Притвор за анестезиологот од Тетово – социјалните мрежи сведочат и за други случаи на лекарска неодговрност

Осум дена притвор заработи анестезиологот од тетовската болница. Обвинителството поведе истрага против докторот кој од одделението за Гинекологија во живо пренесувал болнички прегледи и активности на ТикТок.Тој е осомничен за две кривични дела.

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против едно лице за кривични дела – Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.2 во врска со ст.1, како и Неовластено снимање според чл.152 ст.2 од Кривичниот законик.Осомничениот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што постапил очигледно несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права. – велат од обивинителството.

Видеото е отстрането од социјалната мрежа. ТикТок не ги зачувува видеата во живо, па сега единствен доказ е преснименото видео кое дополнително беше објавено на социјалните мрежи.

Анестезиологот освен притвор доби отказ од работа, а ќе му биде одземена и лекарската лиценца.

Од Лекарската комора најостро го осудуваат инцидентот и велат дека итно ќе го испитаат случајот и ќе бидат преземат мерки. Според извори на Алфа, деталите ќе видат соопштени во вторник. 

Македонското здравство никако да крене глава од хаосот кој наместо да се средува и натаму само ги „билда“ скандалите. Имаше и други слични ситуации каде медицински персонал несовесно ја врши работата.

Од случаите што се паметат е оној во болницата во Кавадарци каде директорот ги собрал лекарите на гозба додека пациентите чекаат за преглед.

Во гевегелиската болница пак, додека пациент под дејство на анестезија и со отворен стомак, лежи на хируршки стол, целата медицинска екипа прави селфи.

Според Законот за заштита на правата на пациентите почитување на приватноста е едно од главните начела на хуманост, а здравствената установа е должна да му овозможи на пациентот „услови што обезбедуваат приватност при прегледот, односно лекувањето, а особено при укажувањето на личната нега“.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста