Прилеп традиционално го слави патронот на градот Св. Никола

Со прережувањето на славскиот колач пред Параклисот во центарот на Прилеп, посветен на заштитникот на градот „Св.Никола“, прилепчани точно напладне, по 17-ти пат ја прославија својата Градска слава. Познатата светиниколска трпеза на отворено, ја благослови владиката Петар, кој притоа потести на светоста и чудотворието на „Св. Николај Чудотворец“, суптилно поврзвувајќи ги со тешкотиите, неправдите и љубовта од интерес кои ни се случуваат во нашево време.

   „Никако да потврдиме, да посведочиме дека сме вистински христијани православни. Зошто? Пак заради некој интерес. Интереси на верата почнавме да имаме, а не вистинска вера како што треба, браќа и сестри. Св. Николај бил милостив кон сите оние што биле онеправдани. А кај нас кој не е онеправдани? Онеправдани сме прво како држава, ни го сменија името и ни се подбиваат. Сега уште други некои промени ќе правеле, па и Устав ќе менуваме и што уште не ќе правиме само да им угодиме на другите на наша штета“, – рече владиката Петар.

  Насобраните прилепчани ги поздрави и градоначалникот на Прилеп, кој во име на Општината пригодно ги награди годинашните домаќини, Компанијата „Теракота“, како и идните, Компанијата „Комфи Ангел“, која го презеде кумството за наредната година.

   „Нека е за многу години денешниот празник „Св. Никола“. Како што знаеме да кажеме во Прилеп, на денешен ден, секој прилепчанец го празнува овој светол празник или чекајќи слава во својот дом или пак, одејќи на гости“, – кажа Борче Јовчески – градоначалник на Прилеп.

  „Ние како прилепчани да се обединиме, да заборавиме на антагонизмите и да ги оставиме суетите настрана заради тоа што само обединети и само заеднички можеме да го оствариме сонот Прилеп да стане еден од најубавите градови за живеење во РМ“, – посочи Гордан Бошкоски, годинашен кум.

 „Овој град знаел да покаже дека се сакаме меѓусебе и покрај тоа што знаеме да бидме понекогаш сурови, меѓутоа едно треба да запаметиме – ние сме оние кои што ја правиме традицијата“, – рече Ирена Јакимоска, идна кума на Градската слава.

   „Св. Никола“ за патрон празник на Прилеп е востановен во 2005 година, а во 2008 година, градот и Македонија за прв пат влегоа во Гинис со најголемата порција минијатурна посна сарма од 80.191 сармиче со големина на лешник.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста