Прилепчани ќе добијат пониски сметки за вода, но само до пролет

      Од овој месец, па се’ до април 2023 година, прилепчани ќе плаќаат за 20,48 проценти пониска цена за водата. Оваа одлука ја донесе општинскиот Совет на последната седница, а ЈКП „Водовод и канализација“ веќе ги започна новите пресметки според кои граѓаните за месец декември ќе добијат пониски сметки. Цената на водата на новите сметки ќе биде еднаква со оние од пред два месеци, а која пак е идентична со онаа од 2020 година која тогаш, согласно Законот, ја утврдила Регулаторната комисија за период од три години.

 „Тие истите цени што се донесени од претходниот состав, истите ги враќаме.  Значи, ни се враќа цената скрос по стара цена што беше до месец октомври. Само два месеци луѓето плаќаа за 20,48 проценти повисоки сметки. Беше на пример на 10 кубици, просечно семејство што плаќаше 576 денари, сега плаќаше шестотини и нешто“ – ни изјави за Алфа, Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп.

   Според Гулабоски, доколку Владата уште летоска, веднаш по рапидниот скок на цената на електричната енергија, не се оглушуваше, туку веднаш ги прифатеше молбите и сугестиите на македонските јавни претпријатија за државно субвенционирање на струјата, и овие два „поскапи“ месеци немало да паднат како дополнително оптоварување на и онака бедниот семеен буџет на граѓаните. Она што засега останува нејасно е како ќе се движи цената на водата после април кога ќе заврши субвенционирањето на струјата, бидејќи никој не може да предвиди каква ќе биде состојбата со кризата од пролет.

  „Тие со нивната одлука требаше да не субвенционираат шест месеци. Еден месец изгубивме во документација, значи ни прескокнаа еден месец. Значи ќе бидеме субвенционирани пет месеци, до 30 април“, објаснува Гулабоски.

   Инаку, со енромното покачување на цената на струјата, јавните претпријатија во земјава летоска добија и до седумкратно повисоки фактури за потрошена електрична енергија што беше сериозна закана по нивниот опстанок. Друг дополнителен проблем е и тоа што на јавните претпријатија не им е дозволено поставување на пример, на фотоволтаици за нивни лични потреби. Гулабоски смета дека државата свесно ги кочи и од сите страни финансиски ги притиска локалните јавни претпријатија со крајна цел, за ситни политички поени, да се намалат или прекинат услугите кон граѓаните и да се создава револт.  

   Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста