Прилепчанец тврди дека неговиот 88-годишен татко во прилепската Болница бил оставен на милост и немилост

Прилепчанецот Зоран Бунтески тврди дека поминале вистинска тридневна голгота околу хоспитализацијата и негрижата за неговиот 88-годишен татко во прилепската Болница. „Татко ми не ја добиваше потребната терапија, а има стент, мене не ми дозволуваа да влегувам и да се грижам за неговата хигиена и исхрана. Дрско бев разбркуван и навредуван и од дел од персоналот, и од обезбедувањето. Ми велеа дека сите ние сме биле болни“. Ова е само дел од потресното сведоштво на 64-годишниот прилепчанец, кој, после ова, на своја одговорност, татка си го извадил од Болницата и на преглед го однел во Битола.

Во доцните вечерни часови беше примен во Интерно одделние. Го прими докторот Зојчески, кого повеќе нема да го нарекувам доктор затоа што пациентот не добиваше соодветен третман. Беше сам во Коронарната единица. Ако некако успеев да добијам некоја информација, ми велеше дека со саати не доаѓа ниту сестра, ниту доктор. Приклучен сум на апарати кои не можам да ги издржувам. Не ми се сменува катетерот, памперсите“, – видно вознемирен, раскажува Зоран Бунтески.

Најголемото разочарување за Зоран било кога видел дека на татко му не му се давала ниту задолжителната терапија, а која на барање на Болницата, тој лично му ја донесол од дома.

Третиот ден, кога отидов да го посетам во утринските часови, бев толку изнавреден, избркан на некој начин – вие сите сте биле болни! Како, реков болни?! Од што?! – Од Корона, а и од друго сте биле болни ?! Одма отидов се тестирав јас, а го тестирав и татко ми, за двајцата излезе негативен тест. На двапати ми викаа обезбедување и ме бркаа од Болница. Јас донесов од дома терапија и замислете, тие терапијата не му ја давале. Гледам јас по бројот на апчињата на лентите дека терапијата не му ја давале. Три дена го оставиле без терапија и уште ако некој ден останеше – ќе умреше, како многу пациенти“, – категоричен е Бунтески.  

После сето ова, Бунтески отишол во Болницата со адвокат, кога одеднаш се сменил и односот на докторот. Тој, сега меко започнал да го убедува дека пацинетот требало да остане да се лекува тука оти бил во животно-загрозувачка состојба, што Бунтески одбил и го однел во Битола, од каде пак, по деталните прегледи и наодите од тамошните лекари дека пациентот е во добра општа состојба, бил пуштен дома.

Бунтески случајот го пријавил во ОЈО и кај Народниот правобранител. Вели, правдата ќе ја бара на Суд. Од Болницата пак, велат дека пациентот ја добивал сета потребна нега и грижа, согласно болничките правила кои важеле за сите. А доколку семејството не било задоволно, слободно можело да тужи.

Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста