Прилепската ортопедија за неколку месеци ќе остане на само двајца специјалисти ортопеди

Ортопедското одделение во прилепската Општа болница со проширена надлежност, која е и регионална и опслужува уште четири околни општини, за само неколку месеци ќе остане на само двајца ортопеди-специјалисти.

Во моментов, во Одделението работат четворица лекари. Но двајца од нив, веќе од после Нова година заминуваат во пензија. Нивната работа, сега е организирана така што двајца лекари оперираат, а другите двајца вршат само амбулантски прегледи. За четворицата специјализанти пак, ќе треба уште време за да се вратат од специјализација и да почнат со работа.

– „Има недостиг од лекари, за жал. Сега има четворица специјалисти, од кои што двајца за неколку месеци заминуваме во пензија. Двајца остануваат за понатаму и има четворица специјализнати. Јас се надевам дека во иднина ќе продолжат со истото тоа темпо, со истиот тој жар за работа да ги лекуваат нашите граѓани…Тој кадар не е доволен, се надевам Управата води сметка и во скорешна иднина ќе има нови специјализанти“ – вели Прим. д-р Илија Јованоски – началник на Ортопедското одделние во прилепската Болница.

Дека македонското здравство е оптоварено со бројни проблеми, признаваат и самите лекари. Но, според нив, тоа најмногу се должело на постојаните брзи развојни движења на медицината во светски рамки.

– „Проблеми секогаш имало и ќе има. Што е многу важно ? Важно е со проблемите да се соочуваме директно и истите ги решаваме. Македонската ортопедија реално се соочува со проблеми кои што ги има и ортопедијата во светот. Зошто е тоа така? Бидејќи се работи за една гранка во медицината која што драматично се развива, како во технолошки, така и во медицински правец и поради тоа мора да се следат сите тие новини и трендови кои што постојат… Досега чекорот се држи многу солидно“ – изјави проф. д-р Виктор Камнар, претседател на Друштвото на ортопеди и трауматолози на Македонија.

Според д-р Камнар, најголемиот дел од болниците во Македонија, регионално биле покриени со ортопедска дејност.

Инаку, годинава прилепското Ортопедско одделение одбележува 50- годишен јубилеј. За сиот овој период низ него поминале дваесетина врвни специјалисти-ортопеди. Во моментов, ова Одделение, на ниво на држава е рангирано на четвртото место, после одделите за ортопедија во Клиничката болница во Скопје, во Институтот „Св. Еразмо“ во Охрид и во Клиничките болници во Битола, Штип и Тетово.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста