Приватните превозници не знаат кога ќе почнат со превоз на патници – блокади нема да има

Приватните превозници ќе се вратат на скопските улици, ама кога – се уште не знаат, зашто допрва ќе се реформира јавниот превоз. Ова е епилогот по 4 часовната средба каде на иста маса за прв пат до сега, сенаа приватните превозници со градоначалничката на Скопје. Тие се задоволни од понуденото, но договор се уште не е постигнат. Детали барем за сега не откриваат, но велат добиле совети и надеж дека средбата ќе вроди со плод. Најавија уште една средба со Арсовска кон крајот на оваа недела.

Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници за разговори со Град Скопје, рече дека средбата поминала во најдобар ред и дека им биле дадени насоки како да продолжат да дејствуваат.

  • Голема благодарност до градоначалничката што нè повика на оваа средба која е значајна за сите нас. Ни даде насоки, се договоривме за многу работи, ќе дејствуваме како што ќе нè насочат. Средбата помина во најдобар ред. Останува сега на нас превозниците да најдеме решение да се реформираме на одреден начин, да ги послушаме советите што ни се дадени за да се вратиме на скопските улици. Сите препораки беа во насока дека ќе се модернизира јавниот превоз во градот Скопје и ние ќе бидеме вклучени во тој дел, но сè зависи и од нас. Значи, ние треба да ги послушаме советите и ќе се вратиме за многу брзо на скопските улици“, рече Зафировски.

За долгот кој ЈСП го има кон нив, велат, не разговарале во детали, но се барал начин да се вратат во јавниот превоз и да се договараат како и кога ке им бидат исплатени парите за 6 месеци кои им ги должи јавното претпријатие.

  • Сега треба да се координираме со колегите, да им пренесеме детали од оваа средба, но сè е позитивно. Во текот на оваа недела ќе има најмалку уште еден состанок за да ги допрецизираме сите работи. Треба ова да им го пренесеме на колегите, но штом нам ни одговара ќе им одговара и на колегите“, додаде тој.

Засега немаат понуда на кои линии би возеле, ниту кога точно би почнале. Важно е, велат дека блокада на сообраќајот нема да има.

  • Кон нас приватните превозници Град Скопје нема долг. ЈСП има долг и тие треба да го платат“, рече тој додавајќи дека се оди во насока дека конечно ќе се реши нивниот проблем и за многу кратко време ќе почнат со работа.

И додека се чека приватниците да се вратат на скопските улици, подебелиот крај паѓа врз грбот на граѓаните, кои со саати мрзнат чекајќи автобус. Инаку, приватните превозници пред два месеци престанаа да возат, зашто, Градот им ги раскина договорите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста