Приватните превозници и Арсовска ги закопаа секирите – Ќе конкурираат на нејзинот јавен повик за десетици линии

Сите приватни автобуси ќе се вратат по скопските булевари и улици, но, се уште без утврден точен датум. Најдоа заеднички јазик со градот, а договореното започнува да се спроведува со денешниот јавен повик. Идентичен со минатиот, но овој пат, без да биде бојкотиран. Тоа значи дека нема да конкурираат на јавниот повик како до сега, преку Слобода превози и Макекспрес, туку реорганизирани во три нови помали компании.

  • „Сите линии се поделени во три пакета. Сите се објавени. Сите ќе се вратиме на работа. Сите 210 автобуси ќе бидат во функција. Автобусите ќе бидат подеднакво поделени во сите три пакета. Ние сме многу задоволни што работите тргнаа во таа насока. Утре ќе ја подигнеме тендерската документација за овој јавен повик. Ќе видиме што се е потребно и во предвидениот рок ние ќе ги доставиме документите.“ – Вели преставникот на приватните превозници, Јовица Зафировски.

Оттаму додаваат дека дале ветување кон градските власти оти ќе го обноват својот возен парк, па така, дел од автобусите кои се постари, ќе ги заменат со нови по еколошки. Конкурсот е за десетици линии кои сега не се доволно опслужувачки за граѓаните.

Дека конечно е изнајдено решение потврди и градоначалничката Арсовска

  • „И од спротивната страна наидовме на заедничка платформа како да продолжиме понатаму. Соработката продолжува и на повеќе останати теми на кои што треба да разговараме, особено имајќи во предвид дека следи голема реформа на јавниот превоз, каде што сакаме да се прилагодиме во целост на оние еко-стандарди кои што се неопходни, не само за граѓаните да имаат квалитетен и брз јавен превоз, туку и еколошки јавен превоз, кој што ќе биде во насока да имаме почиста и поздрава животна средина.“ Изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Засега долгот што го има јавното сообраќајно претпријатие, кон приватниците е прашање кое допрва ќе се решава.

Арсовска вели дека исплатата ќе продолжела да се одвива како што било и досега. Долгот од 1 и пол милиони евра беше главната причина за околу 200 автобуси да престанат да возат и да се создаде вистински хаос во скопскиот јавен транспорт.

Приватните превозници во ноември лани престанаа со работа поради финанска неиздржливост, а кратко подоцна во знак на револт, ги блокираа клучните сообраќајни крстосници во метрополата. Градот Скопје и ЈСП негираа дека должат пари, што се случуваше додека инспекцискиот надзор не го докажа спротивното.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста