Преспанското езеро исчезнува – надлежните не преземаат ништо

И во овие октомвриски денови, второто по големина природно македонско езеро, Преспанското, продолжува да диши на „шкрги“. Водостојот и понатаму драстично се намалува, така што во однос на истиот период лани, годинава има нов минимум кој е за цели 13 сантиметри понизок откако се мери нивото на езерото во последните стотина години. Според проф. д-р Дејан Трајковски, иако земјоделците годинава помалку ги експлоатирале езерските води, пред се’ заради прескапата струја, сепак тој очекува дека водостојот ќе претрпи и ново извесно намалување.

  „Заради подоцната сезона на врнежи, која се уште не започнала, нивото продолжи да се намалува, па веројатно ќе видиме понатамошно намалување за уште неколку сантиметри до средината на ноември…Стручните лица од ПМФ веќе кажаа дека живиот свет во Преспанско Езеро е сериозно загрозен, дека најверојатно тоа нема да се подобри во наредните 4.000 години“, – вели проф. д-р Дејан Трајковски.

   Спасот на Преспанското Езеро, многу е тешко да се предвиди, посочува проф. Трајковски, пред се’ заради кревката рамнотежата помеѓу приливот и одливот на водите. Секоја година езерото се полни за околу 40-тина сантиметри, а нивото го спушта за околу 50-55 сантиметри, вели проф. Трајковски.

   „Доколу успееме барем малку да го зголемие приливот или да го намалиме одливот, можеби би дошле во некаква рамнотежа“, – прогнозира проф. Трајковски.

     И додека показателите се застрашувачки и алармираат за итни мерки за спас на езерото, државата, од само нејзе познати причини, ги „замрзна“ 84-те милиони денари, кои општина Ресен ги имаше како наменски средства за спас на езерото, вели градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

   „Ние бевме пред Генерален секретаријат во два наврати и си ја префрлаат топката од Животна средина на Финансии, Финансии на животна средина, се со една цел само да не стигнат парите до општина и наменски, значи тие се строго наменски средства, наменски да се потрошат за спас на езерото“, – ни рече Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.

    Инаку, Преспенското Езеро најмногу е повлечено кај Перово, Езерани и Крани. Во зависност од конфигурацијата и местополжбата, водата на накои места е повлечена дури и до 3 километри, а нивото е спуштено од 2,5 до 3 метри под критичниот минимум.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста