Премиерското јадење тостови и сендвичи не е случајно- од авион се гледа дека власта се подготвува за избори

Сликање со тостови, сликање со сендвичи со мортадела, партиски активности секој ден. Вака изгледа секојдневието на премиерот по завршувањето на работниот ден, барем според она што можеме да го видиме на неговиот Фејсбук профил.

Според експертите од авион се гледа дека власта се подговтвува за предвремени парламентарни избори, иако тврдат дека такво нешто немало да има. Извршниот директор на МЦМС, Сашо Клековски за Алфа вели дека не би било ништо чудно ваквите активности лидерот на СДСМ да ги има, доколку државата не се наоѓала во криза во која што се наоѓа, а за чие справување власта мора да се посвети и многу повеќе од работните осум часа дневно.

-Доколку не беше енергетската и економската криза би можеле да претпоставиме дека новиол лидер на СДСМ, сака да се запознае со партиската база и обиколува и тоа би била редовна активност. Меѓутоа, имајќи во предвид дека се наоѓаме во голема криза и дека Владата треба да издвои многу време за справување со таа криза, не гледам логика за фокусирање на партиски активности, доколку тие не водат кон подготовка за предвремени избори во 2023-та година, изјави Клековски.

Според Клековски и предлог буџетот за следната година е доказ дека власта се спрема за брзи избори. Многу од парите во него според директорот на МЦМС се популистички со цел привлекување гласови.

-Имаме еден инфлаторен и предизборен буџет, каде што се зголеми во огромни граници условно да кажам коруптивните давања. Зголемување на плати пензии, огромно зголемување на договорите на дело и сомнителни капитални инвестиции, кои не се капитални инвестиции во видливи проекти како што се инфраструктура или енергетика, изјави Клековски.

Дека партиите и од власта и од опозицијата, се влезени во кампања смета и аналитичарот Агим Јонуз, но вели таа кампања трае секојдневно. Прашува дали на партиите ќе им остане нешто ново да понудат кога ќе дојде онаа законска кампања.

-Они се во кампањата перманентно уште од првиот ден после изборите кои веќе беа, тоа е системот на Ал Гор што го правеше во Америка, првиот ден после изборите влегуваат во нова кампања. Кампањата е перманентно присутна на терен. Ме интересира што во кампањата што ќе биде регуларна за изборите, ќе има да се претстави како ново. Ништо, ова е се дефокус од бедата во која што се наоѓа Македонија, изјави Јонуз.

Најновите шпекулации во политичките кулоари говорат дека предвремени парламентарни избори можно е да има во мај 2023-та година. Постојат и сомнежи дека пред одржувањето на изборите, власта по секоја цена ќе се обиде да ги протурка и уставните со цел внесување на Бугарите во Уставот, па евентуалниот реален старт на преговорите со ЕУ, да им донесе и некакво качување на рејтингот.

Според дел од познавачите би бил и очекуван потег власта што побрзо да сака избори, бидејќи секој ден плус чекање само ја влошува состојбата кај власта. Па дури и се шпекулира дека е можно СДСМ и ДУИ да направат и предизборна коалиција, со цел социјалдемократите да дојдат до подобар резултат на изборите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста