Премиерот пак на пазарање со камери: Си купи јајца и млеко ќе правел палачинки, револтирана жена му го расипа ПР-от

-Јас ќе бидам тука и ќе отидам и кај Сафко на тезга и кај комшиите, кажа Ковачевски по пазарењето.

Премиерот отиде во маркет во своето маало да си купи јајца, млеко, боја за велигденски јајца, а со себе понесе и десетина камери за да биде снимено обичното пазарање на шефот на македонската Влада.

-Вие гледате дека јас кога доаѓам во маркет, купувам тоа што ми е потребно, изјави Ковачевски.

-Види Крешник, сега ќе земам брашно и јајца ќе видиш палачинки кој прави најдобро, се пофали премиерот.

 Сепак ова трето пазарење пред пред медиумите не мина баш по меракот на ПР-от на Димитар Ковачевски.

-Со 12.000 ве молам кој може да преживее денеска, една револтирана жена го праша премиерот.

-Пензиите ние кога дојдовме како Влада, прва работа беше да ја зголемиме методологијата за зголемување на пензиите, кажа премиерот.

-Вака да ви кажам, цениве се до плафон, значи со два денари макарони и јајца денар на 99 денари, сега ги замрзнавте цените. Значи што е тоа поевтино? Значи стварно некако многу тежок дојде животот, па ниту лекарства може да купиме ниту…, кажа револтираната жена.

-Прво точно е дека цените беа многу зголемени, затоа што има војна во Европа се води и секаде се зголемени, кажа Ковачевски.

Според премиерот немало ништо спорно во неговото пазарање каде со себе носи повеќе од 20-тина луѓе. Не станувало збор за никаков ПР, немало потреба од такво нешто.

-Јас доаѓам трет пат овде, мислам не овде, во различни маркети, не треба никаков ПР експерт за да треба да отидете во маркет. Не треба никаков ПР експерт да дојдете во маркет, каде сте доаѓале минативе 15- 20 години да купувате, изјави Ковачевски.

Премиерот не планира тука да запре, ќе продолжел заедно со медиумите и понатаму да врши контроли, а следниот настан ќе биде само ден подоцна од третото пазарање.

-(Ќе продолжите заедно со премиерот со контроли и со пазарна или ќе ги оставите?) Ќе продолжиме. Утре сум јас веројатно и министерот со мене во фабриката, во Везешари во Тетово, кажа Ковачевски.

Одењето по маркети не е единствениот обид за самопромоција на Ковачевси. Ако се вратиме малку наназад, ќе се потсетиме дека премиерот играше фудбал, во градинка се радуваше како мало дете, потоа јадеше тостови, па и сендвич со мортадела.

Според аналитичарите, ова е само обид за собирање политички поени, на начин на кој Ковачевски сака да се покаже како обичен човек. Но и обид да се затскријат сите катастрофални политики на власта последниов период.

Инаку, според неофицијални информации на Алфа, владиниот ПР му го прави маркетинг компанија од Израел, чија цел е да помогне во кревањето на рејтингот на власта.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста