Преку сузбивање на говор на омраза, ќе се штитат чувствата на Бугарите

Ќе се санкционира секаков говор на омраза кон Бугарите, иако не е прецизирано на што точно ова се однесува и дали ги опфаќа и фактите кои се дел од образовниот процес во Македонија. Во Протоколот објавен вчера јасно стои дека министерствата за надворешни работи на двете земји се вратите на кои треба да се тропне за да се пријави говор на омраза. Ќе се „чешла“ сè – од знаци на згради и споменици на кои пишува дека на пример Бугарите биле фашисти во Втората Светска Војна, до лекции во учебници кои според источниот сосед ја фалсификуваат историјата. Исто така, ќе се санкционираат и сите новинарски текстови, колумни, ставови, кои според Бугарија шират говор на омраза, а се објавени на ТВ, радио, интернет, социјални мрежи, односно секаде каде што се во допир со граѓаните.

„Двете држави преку дипломатските канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали, како и во јавниот простор на територијата на другата држава, и да информираат во разумен рок за преземените активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификуваните случаи на говор на омраза“ – стои во Протоколот.

Исто така, македонската Влада не смее да финансира преку разни конкурси нови книги, играни, документарни филмови и серијали, списанија, друга уметничка продукција, споменици на културата и организирање разни прослави, кои би можеле да ги навредат националните чувства на Бугарите. Дополнително, пак, секој кој од ваквите програми, кои најчесто ги објавува Министерството за култура, ќе добие пари, треба со писмена изјава да се обврзе и гарантира дека нема да шири говор на омраза.

„Секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект“ – пишува во Протоколот.

Тоа значи дека ако досега не се снимени, гледачите веројатно никогаш не би ги виделе филмовите „Трето полувреме“, „Ослободување на Скопје“, и „Балканкан“ на пример. Инаку, двете земји треба да создадат под итно процедури за брзи мерки при идентификување вакви случаи. Во Протоколот пишува и дека двете држави треба да спречат недобронамерна пропаганда од страна на институции, агенции, фирми и граѓани, кои поттикнуваат насилство и омраза кон Бугарите и би можеле да ги нарушат односите меѓу Македонија и Бугарија.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста