Пред три години Македонија оствари една од стратешките цели поставени уште од oсамостојувањето – полноправно членство во НАТО

Македонија одбележува три години од зачленувањето во најголемата воена алијанса. „Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните“ – истакна премиерот Димитар Ковачевски. Според него, одлуката за членство во Алијансата, ги пробила бариерите на партиите, религиите и народите.

Да се чува нашиот и светскиот мир како дел од воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација. Мир и развој за безмалку една милијарда луѓе, кои живеат во заеднички демократски вредности – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, вели дека целта не им била само да ја внесат Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата.

Во однос на придонесот кон Армијата, таа рече дека „целта не била само да се внесе Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата – „со опремата која се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, секој армиски подофицер и офицер – изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

И началникот на ГШ, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски посочи дека зачленувањето во НАТО е значаен историски настан кој ќе сведочи за успесите на државата и Армијата.

Успехот кој Армијата го достигна низ целиот овој период се огледа во она кое сега го имаме, а тоа се мобилни, професионални и ефикасни сили, способни да ја заштитат безбедноста на нашата земја и одговорат на сите современи закани и предизвици – изјави началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски.

На свечената церемонија присуствуваше целиот државен врв на Македонија, членови на Владата и на Собранието, највисоките претставници на Армијата, дипломатскиот кор во земјава и бројни делегации од земјата и странство.

Македонија стана 30та членка на НАТО Алијансата на денешен ден пред три години, откако го проемни своето уставно име со што Грција ја отстрани блокадата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста