Пред стартот на новата производна реколта, тутунарите стравуваат од нови манипулации

     Заради драстично намаленото производство, откупот на тутунот од ланската реколта е речиси завршен, иако законскиот рок е до 28-ми февруари. Исплашени дека престојната реколта ќе биде уште послаба, откупувачите не губат време и веќе започнаа да прибираат податоци од коопетантите кои подоцна треба да се преточат во нови договори. Ова пак, е спротивно на Законот, обвинуваат тутнарите, плашејќи се дека станува збор за нова манипулација како од откупувачите, така и од државата, но и од Сојузот на земјоделски здруженија и од неговиот претседател Менде Стомнароски.

   „ Дали министерот и Инспекторатот се запознати со оваа состојба на терен и дали истата е во склад со Законот за тутун? 2. Го повикуваме Менде Стомнароски да каже дали СЗЗ веќе ги добил предлог – договорите за новата реколта, а кои според Законот, најдоцна до 20-ти февруари откупувачите треба да ги достават до СЗЗ? 3. Ако ги добиле, кои се цените, а ако не ги добиле, како тогаш откупувачите земаат податоци од коперантите и откако ќе ги соберат да можат да излезат со која сакаат цена на класите?!“, прашува во дописот Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија.

  Освен ова, тутунарите прашуваат и дали ќе има обесштетување на производителите на кои на старот од откупот и квалитетниот тутун им се ценел најмногу во втора или трета класа, и сега на крајот, кога и ѓубрето се откупувало во прва класа.

  „Седум милиони килограми се откупени во прва и втора класа и со одбиток од 5%, а остатокот од 7-8  милиони килограми се откупени со 0% одбитоци, во прва класа. Значи, тука се енормни оштетувања на тутунопроизводителите“, вели Тони Ангелески, претседател на ТЗ „Жолто тутунско злато“.

   Инаку, наспроти очекувањата на откупувачите дека од ланската реколта ќе соберат род тежок 26 милиони килограми, сепак според нив, годинава се откупени 21 милион килограми. Според тутунарите пак, лани се произведени најмногу од 18-19 милиони килограми тутун. А годинава ќе биле уште помалку, децидни се тутунарите.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста