Предвремени парламентарни избори за Мицкоски се спас за Македонија, за Ковачевски е неодговорно однесување

Ако СДСМ не се плаши нека прифатат лидерска и да договориме датум за предвремени парламентарни избори – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го предизвика премиерот Димитар Ковачевски да го прифати предлогот на опозицијата и да седнат на заедничка маса. Мицкоски категоричен вели ВМРО-ДПМНЕ работи исклучиво за интересите на граѓаните и Македонија, наспроти погубните политики на власта.

  • Јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе сто дена повикувавме на заедништво, повикувавме на  дијалог да седнеме да зборуваме за проблемите, за одржување на предвремени парламентарни избори, па ако се навистина толку јаки, ако велат дека народот ги сака тие ќе нѐ декласираат на тие предвремени избори и ќе имаат чист мандат од четири години да ги спроведат политиките кои велат дека народот ги поддржува, така барем велат во нивните партиски соопштенија. Единствен начин да проверат дали тоа што го пишуваат во соопштенијата е да излезат на избори, да се охрабрат и да видат дали Мицкоски се плашел или СДСМ се плаши рече Мицкоски.

Мицкоски порача и дека последиците и одговорноста, за се, што од сега, па натаму, ќе се случува во Македонија, ќе ги сноси раководството на СДСМ.. 

Ковачевски кој пред неколку месеци НАЈАВИ  дека ќе го повика Мицкоски на средба, сега го одбива неговото барање за лидерско соочување. За него не било прифатливо да се одржи лидерска средба на која би се разговарало само за предвремени парламентарни избори. Ковачевски дециден, парламентарното мнозинство било стабилно, ниту поголемиот број политички партии сакале избори, ниту граѓаните.

  • Не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден и да се служи со уцени и да се служи со закани затоа што јас потврдив во изминатите скоро четири месеци дека ниту на уцени, ниту на закани не подлегнувам, туку сум човек којшто води отворен дијалог со сите заинтересирани страни во општеството. Одржување на средби под уцени, под закани само со една точка на дневен ред, а тоа е предвремени избори, кои прво, политичките партии не ги поддржуваат, потоа граѓаните не ги поддржуваат,  истакна премиерот.

Иако голем број законски решенија , и без бојкот, со месеци стојат заглавени во собраниските архиви, за ковачевски, одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за активна блокада на парламентот била неодговорно однесување, која ќе нанела штета на граѓаните.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста