Првомајски протести – ќебапче за работникот, бифтек за функционерите, за првите 2.000 денари месечно, за вторите 2.000 евра

Со барања за поголеми плати за работниците и почитување на работничките права, македонските синдикати го одбележаа први мај – меѓународниот ден на трудот. Се одржаа два одделни протестa ама пораките беа исти – се кршат колективните договори и закони, функционерите си ги покачуваат платите, а главоболки создаваат и новите законски измени коишто се предлагаат и со кои работната недела би траела и 60 часа.

„Ќебап за работникот, бифтек за власта“. На годинашниот првомајски протест пред Владата замириса на скара, многу скромна ама зачинета со остри критики кон власта.  Првомајски, синдикатите на улица го кренаа гласот, „за вас 2.000 дневно, за работникот 2.000 месечно“.  60 часа работа неделно е враќање во 19 век. Со овие пораки се маршираше од зградата на ССМ до Владата, каде и годинава се испратија пораки за заштита на работничките права.

  • Со две илјади денари работникот не може да го издржи месецот, додека некои со 78 отсто си го поминуваат месецот лежерно и убаво. Ние, работниците, не се откажуваме – како за нив, така и за нас. Нека ги намалат и тие платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Пазарат по продавници и нѐ лажат дека цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува. Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе и да се сплоти и да им кажеме „не“ на овие што не мислат на нас и си гледаат само за себе, истакна Димовски.

Тој порача дека не го креваат работничкиот глас само денеска, туку борбата  продолжува и утре.

  • Имаме работни средби каде јасно ќе кажеме за Општиот колективен договор: К-15 за сите, 78 проценти покачување за сите, рече синдикалниот лидер.

Синдикатите побараа достоинствена плата и фер услови за сите, а не манипулации и тиштење на и онака осиромашениот работник, кој спасот го бара во странство купувајчи билет во еден правец.

Претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи, здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Дејановски праша за кој труд претставниците на Владата си ги зголемиле платите за 800 евра во најголема инфлација.

  • И што добивме ние од тоа? Триесет и две години ги гледаме како исплаќаат дневници и патни трошоци, а 32 години македонскиот работник нема добиено ништо. Две илјади денари покачување на година, две илјади денари покачување на ден не е исто, 2.500 евра плата и минимална плата не е исто. Синдикална минимална кошничка од 51 илјада денари, па кој може да преживее? Кој ги прима тие плати во Македонија? Мора да се изедначиме, не може да прифатиме ништо освен истата пресметка на плата како што тие си ја земаат, рече Дејановски.

Тој порача дека работниците треба да бидат обединети и единствени и секој ден да излегуваат на протести за да го добијат тоа што го бараат.

  • Без масовност и единство ќе нѐ играат како што сакаат. Мора ова да биде почеток на една голема синдикална пролет, рече претседателот на УПОЗ.

И на пратениците им порачаа дека наместо народни, „сѐ повеќе се ненародни избраници“ и дека работниците паметат сѐ што тие прават и не прават за нив.

Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски рече дека пратениците не треба да заборават дека „од нашата пот го јадат нивниот леб и ги хранат семејствата“.

Пред законодавниот дом тој остави градежнички шлем и ги повика пратениците тие да работат 60 часа затоа што, рече, „ние се изборивме за 40“.

  • За нас немаше ни 8 отсто покачување на платите. Не им го забораваме ниту Предлог-законот за 60 часа работна недела. Ако мислат дека ние сме робови и ќе гинеме на градилиштата, ги повикувам да градат со нас, повика Пешевски.

Дека лошата состојба на работниците и понатаму е непроменета алармираа од Конфедерацијата на слободни синдикати. Велат дека 5 години се кршат колективни договори и закони, а подобрување на состојбата на работникот во државата никако да се промени.

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделковски посочи дека состојбата на работниците во државава и понатаму е непроменета.

  • Изминатите години искажуваме какви се реалните состојби во државата во однос на работничките права и кршењето на закони и колективните договори. Не се согласуваме „ќебапче за работникот, бифтек за власта“, тоа ниту е правда, ниту е правичност, ниту еднаквост, се ќе сториме да ја доведеме правдата во Македонија, правдата во однос на социјалниот дијалог, партнерство и почитување на работничките права. Исто и за правото за пристоен живот, тоа одамна го кажавме, а се уште кубуриме. „Без социјална правда нема социјален мир“ овој слоган го изнесовме пред неколку години на улица и кажавме дека нема да има социјален мир, додека нема социјална правда. Токму затоа и денеска сме тука не само поради симболичниот ден 1 Мај, туку да искажеме и дека доколку и понатаму нема социјална правда ќе нема ни социјален мир, порача Неделков.

Од Синдикатот на полицијата рекоа доколку не биле заканите и притисоците врз вработените во МВР, на протестот ќе имало многу повеќе луѓе кои се незадоволни од сопствената држава.

  • Тука помеѓу нас гледам и вработени во МВР и ви се поклонувам, бидејќи и покрај сите притисоци и заплашувања денеска заедно го кренавме својот глас. Ќе не имаше повеќе да не беа секојдневните притисоци и закани, да не се излезе на овој протест. Правевте притисоци, малтретиравте, вознемирувавте, незаконски распоредувавте, суспендиравте, потпишавте стотици законски решенија, неосновано казнувавте празнично, симнувавте степени подолу, дававте незаконски наредби, се мешате во независноста на синдикатите, малтретирате синдикални претставници, но не успевате да не замолчите. Во услови кога некој протестира, а некој прави скара и ужива во дневници, хонорари, додатоци, срам ми е да кажам и да признаам дека едно време ценетата и добро вреднувана професија – полицаец, веќе не е тоа што беше, посочи Коцевски.

Тој додаде дека како резултат на незадоволство, полициски службеници ја напуштале работата и си заминувале од државата.

Синдикатите предупредија дека ако работниците не добијат пристојна плата и нормална живеачка, ќе следи жестока пролет со серија протести. Во знак на револт, тие пред да си заминат, ги фрлија заштитните шлемови на тревникот пред Собранието.

Борис Грујоски



КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста