Православните христијани го слават „Велики петок“ – ден на тишината, постот и молитвата

Велики петок – најтешкиот ден во годината во христијанската вера: ден на страдањата и смртта на Исус Христос. На овој ден синот божји бил распнат на крст за да ги искупи гревовите на човештвото. Христијанските верници со молитва и во тишина се во исчекување големиот празник Христовото воскресение –  Велигден.

  • „Треба да бидеме слободни и во слобода да стоиме која ни ја даде Христос. Што се прави? – Се прави она што ни го сведочи совеста, а како правовославни христијани, совеста на крштевањето треба да ни сведочи дека треба да земеме учество во црквата на овие празници“ вели за Алфа, отец Горан.

Според православниот канон на Велики петок е строг пост со вода, а многу верници денеска ниту пијат, ниту јадат до зајдисонце.

  • „Храна без масло односно строг пост. Во одредени заедници каде што има организиран богослужбен живот а тоа се манастирите, различен е типикот, меѓутоа она што го препорачува црквата е секако строг пост. А колку ќе определиме мерка за храната и за пиењето во текот на денот тоа зависи од нас самите и од потребите“ вели отец Горан.

Постат и верниците, ама во поголем дел повозрасните. Тие што ги посетија храмовите и запалија свеќи за здравје велат младите генерации се помалку ја почитуваа верата и обичаите.

Според преданието, Исус Христос починал распнат на крст во „шестиот час од денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила. Сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“. Од тогаш, на Велики петок, кој се смета за најтежок празник во православието, бијат дрвени клепала, а камбаните не ѕвонат сè до недела кога првпат се огласува радоста на христовото воскресение.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста