Православните христијани го слават Велигден – Христос Воскресна, Навистина Воскресна!

Биењето на камбаните ја донесе радосната вест за Христовото Воскресение. Стотици граѓани во скопскиот Соборен храм со свеќи во рацете се радуваа на Христовата победа над смртта. По полноќ, како што налага традицијата се кршеа со црвени велигденски јајца-  симболот на Христовото воскреснување. 


Соборниот храм  и изутрината осамна со верници на велигденската богослужба. Во велигденското послание, поглаварот на Македонската православна црква ГГ Стефан порачува во ова време кога засилено се поддржуваат и се шират овоземни, минливи и распадливи вредности, ние, како православен народ, да се придржуваме до евангелските пораки, не заборавајќи дека Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови.

  • „Да веруваме во секој Христов збор, зашто небото и земјата ќе минат, но зборовите Негови нема да поминат. Така, соединети во Неговото име, да се трудиме да живееме согласно со богатото предание на нашите предци, сведочејќи за Него преку празнувањето на триумфот на животот над смртта. Па, да се чуваме од меѓусебни поделби, коишто водат до нарушување на нашето сенародно единство, и да не забораваме: нашиот македонски народ низ вековите се одржал затоа што за свој темел Го имал Христа Бога и Неговите вечни вредности, а за своја мајка ја имал Црквата“, се потенцира во посланието.


Мир, среќа и здравје за себе и најблиските посакуваат православните верници за големиот христијански празник. По 40-дневниот велигденски пост, денеќе седнат на мрсна трпеза.


Најголемиот христијански празник Велигден е денот кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

  • „Едноставно со овој празник ние се преродуваме, како луѓе, како личности бидејќи Христос Воскресна, го победи нечестливиот, ги отвори рајските врати и сега секој човек има можност за спасение“ – вели Отец Антонио од Скопската епархија.

Прославата на Христовото воскресение почна со раздавање на светиот Благодатен оган, кој што македонска црковно-државна делегација го донесе директно од Ерусалим. Ова е првиот Велигден кој го прославуваме откако МПЦ-ОА стана дел од канонското единство.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста