„Правда за Јана“: Вечерва протести во Скопје и Битола – потресно сведоштво на кумот на Јана за Алфа

      „Малата Јана повеќе ништо нема да ни ја врати. Нејзините родители, од нигде-никаде, засекогаш си останаа без својата ќеркичка, братчето без постарата сестричка, јас без своето весело и убаво кумашинче. А зошто?! Затоа што во оваа Македонија има тотално нефункционален и гангренозно распаднат здравствен систем кој убива дури и здрави деца“, ни изјави за Алфа, кумот на Јана, Игор Петковски, во очи на вечерашниот мирен протест кој под мотото „Правда за Јана – Сите сме Јана“ се организира на Плоштадот „Магнолија“ во Битола, а со цел откривање на вистината за ненадејната смрт на шестгодишната Јана Христовска.

 „Јана беше здраво дете. Кога ќе одевме кај нив на гости, баш во дворот си имаше тука играчки, имаше трамболина, скокаше, играше, се веселеше, трчаше и никогаш се немаше слушнато таа да има некаков проблем. Детето немаше срцева маана никаква, на прегледот кога ја однесоа, докторката нели прво што прегледува – го наслушува детето со слушалки и баш на таа возраст од 5-5,5 години, ако има некаков поинаков ритам на срцето или тешко дишење, одма се открива. Проблемот е збунувањето на самиот организам (по дадената терапија), што најмногу сите не боли“, – растревожено се присетува Петковски.

   Она што особено го вознемирува семејството Христовски, освен начинот на лекувањето, е и сомнежот – што точно се случувало во последните три часа пред и официјално да им ја соопштат ужасната вест, како и експресниот извештај од ДСЗИ дека не е откриена лекарска грешка. Петковски вели дека докторите требало да бидат искрени, самите да ја кажат вистината и да побараат простување од семејството.

  „Не се малку тие три часа на чекање на родителите во ходникот, за некои работи да се средат. Се сомневаме зашто во Македонија досега се се има случено, само ДСЗИ да најде одговорност кај лекар – се нема случено. Нема тука ни камери, нема тука ни некој друг што ќе сведочи, родителите чекаат во ходникот, и тоа е тоа. Жалосно е што нема искрена исповед пред родителите, зашто никој не е против никого за да сведочи лажно, најмалку родителите“, – посочува Петковски.

    Инаку, вечерва со почеток во 19 часот, освен во Битола, мирен протест од самоорганизирани граѓани, најавен е и за пред Министерството за здравство во Скопје. Организаторите велат дека протестот „Правда за Јана“ е протест и за сите жртви од нефункционалниот и распаднат здравствен систем во земјава.  

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста