По 18 години македонска државно-црковна делегација во „Прохор Пчински“

Со свирежи и аплаузи беше пречекан претседателот Стево Пендаровски кој ја предводеше македонската државно-црковна делегација на чествувањето на 2-ри август во манастирот „Прохор Пчински“. Пендаровски беше исвиркан додека положуваше цвеќе на спомен плочата на АСНОМ, 78 години од основањето и првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија. 

Пендаровски, заедно со министерката за одбрана Славјанка Петровска беше пречекан од шефот на српската дипломатија, Никола Селаковиќ. Двете држави, Македонија и Србија ќе се заложат одбележувањето на 2-ри август во Прохор Пчински да стане традиција.

-Јас мислам дека идејата е не да дојдеме само оваа година, туку од оваа година натаму постојано тука да го славиме. Знаете, има нов контекст во политичките односи, ние никогаш не сме имале проблеми, меѓутоа меѓу црквите постоеја одредени проблеми кои се разрешени од мај оваа година и мислам дека тоа треба да го искористиме дополнително да го зацврстиме тоа и црковно и државно пријателство меѓу двете држави и двата народа. Не верувам, такво уверување добив од моите домаќини, дека ова се случува само сега и дека е ПР-настан – сакаат само да се пофалат. Не, ова треба да биде еден камен-темелик, значи да положиме темелник на новите односи и во оваа смисла, оти ако не ги почитуваме светињите, ако не ги почитуваме светите места наши и нивни од нашето минато мислам дека немаме никаква иднина во билатералните односи, изјави Пендаровски.

-За тоа сведочи политиката на Србија, која е решена да ја зајакне политиката на добрососедство, соработка и заеднички живот со соседите. Така, како што е и во рамки на иницијативата Отворен Балкан, која претседателот Вучиќ ја иницираше со премиерите на Македонија и Албанија, се обидуваме да покажеме колку духот на толеранција и пријателство е нешто што секогаш ќе го надмине духот на нетолеранција и непријателства, рече Селаковиќ за РТС.

Граѓани од Македонија и Србија се радуваа на повторното заедничко чествување на големиот македонски празник по речиси две децении откако МПЦ и СПЦ се помирија и воспоставија канонско единство. Здруженијата на Македонци во Србија пак загрижени за политичките одлуки кои ги носат власта и се пожалија дека матичната држава целосно заборавила на нив.

По осумнаесет години Македонија повторно имаше можност да положи цвеќе на поставената нова плоча на АСНОМ во манастирот „Прохор Пчињски“ и  да одбележи 78 години од основањето на Антифашистичкото собрание. Претходно СПЦ не дозволуваше посета за 2ри август поради што беше изграден  меморијалниот центар Пелинце.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста